„Претседателите на двете земји се согласија да склучат што е можно поскоро сеопфатен договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина за да се прошири украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се гарантираат долгорочниот просперитет и безбедност на Украина“, се наведува во заедничката изјава на украинската и американската делегација за исходот од средбата во Џеда
Денеска во Џеда, Саудиска Арабија, под милосрдното гостопримство на престолонаследникот Мохамед бин Салман, Соединетите Држави и Украина презедоа важни чекори кон враќање на трајниот мир за Украина, се наведува во заедничката изјава на делегациите на Киев и Вашингтон. Претставниците на двете нации, се додава во соопштението, ја пофалија храброста на украинскиот народ во одбрана на својата нација и се согласија дека сега е време да се започне процес кон траен мир.
„Украинската делегација ја повтори силната благодарност на украинскиот народ до претседателот Трамп, Конгресот на САД и народот на Соединетите Држави за можниот значаен напредок кон мирот. Украина изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за донесување итен, привремен 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, а кој е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Руската Федерација. Соединетите Држави ќе ѝ соопштат на Русија дека рускиот реципроцитет е клучот за постигнување мир. Соединетите Држави веднаш ќе ја укинат паузата за споделување разузнавачки информации и ќе продолжат со безбедносната помош за Украина“,
стои во соопштението на двете делегации.
Делегациите разговарале и за важноста на напорите за хуманитарна помош како дел од мировниот процес, особено за време на прекинот на огнот, вклучително и размена на воени заробеници, ослободување на цивилни затвореници и враќање на насилно префрлените украински деца.
„Двете делегации се согласија да ги именуваат своите преговарачки тимови и веднаш да започнат преговори за траен мир кој обезбедува долгорочна безбедност на Украина. Соединетите Држави се обврзаа да разговараат за овие конкретни предлози со претставници од Русија. Украинската делегација повтори дека европските партнери ќе бидат вклучени во мировниот процес. Конечно, претседателите на двете земји се согласија да склучат што е можно поскоро сеопфатен договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина за да се прошири украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се гарантира долгорочниот просперитет и безбедност на Украина“,
се наведува во заедничката изјава на украинската и американската делегација за исходот од средбата во Џеда.