Ваква ситуација во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес не се случила еден век. Во 1923 година последен пат не бил избрал претседател во првиот круг на гласање

Не само првиот туку и вториот и третиот обид да се избере претседател на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес завршија неуспешно. Кандидатот Кевин Мекарти од редовите на републиканците, кои го презедоа мнозинството во овој дом (имаат 222 места наспроти 212 на демократите), се соочува со противења и во сопствената партија.
Од потребните 218 гласови, Мекарти во првите два круга доби само 203, што е помалку дури и од демократот Хаким Џефрис. Резултатот во третиот круг за Мекарти беше уште полош. Тој изгуби уште 20 гласа од своите колеги, а тензиите се зголемија.
Поради ова, беше одлучено членовите на Претставничкиот дом да се сретнат денеска напладне по локално време со цел дотогаш да се разгледаат нови кандидати за претседател.
Републиканците преку Претставничкиот дом сакаат да се спротивстават на агендата на демократскиот претседател Џо Бајден, но за да може да го направат тоа мора да изберат нов претседател на овој дом. Без избор на спикер, Претставничкиот дом не може да започне со работа односно: неговите членови не можат да положат заклетва, не може да се именуваат претседатели на комисии, не може да се свикуваат состаноци и не може да се поведат истраги за администрацијата на претседателот Џо Бајден, како што планира републиканското мнозинство.
Ваква ситуација во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес не се случила еден век. Во 1923 година последен пат не бил избрал претседател во првиот круг на гласање. Најдолго траела постапката за избор на претседател во 1856 година, кога пратениците постигнале договор дури по два месеци и 133 круга гласања.