Одделот за конзуларни прашања и издавање визи на Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Куба повторно почнува со работа, пренесе Асошиејтед прес (АП).
Американската амбасада во Хавана потврди дека ќе започне со издавање визи за мигранти и дека приоритет е повторно соединување на Кубанците со нивните семејства што претходно емигрирале во САД.
Американските визни и конзуларни служби во Куба беа затворени во 2017 година откако персоналот на американската амбасада доживеа серија здравствени проблеми познати како хавански синдром. Пациентите се жалеле на главоболки, вртоглавица, гадење и други симптоми поврзани со травматски повреди на мозокот. Десетици случаи остануваат нерешени и се под активна истрага.
Амбасадата, како што пишува АП, повторно се отвора во време на масовен миграциски бран од Куба, што изврши притисок врз администрацијата на претседателот Џо Бајден да отвори повеќе легални патишта за Кубанците и да започне дијалог со кубанската влада и покрај историски напнатите односи меѓу двете земји.
Најавено е дека за една година се очекува да бидат издадени 20 000 американски визи.
На крајот на декември американските власти објавија дека во текот на ноември Кубанци биле запрени 34 675 пати вдолж границата со Мексико, што е за 21 отсто повеќе отколку во октомври, кога бројот на запрени мигранти од Куба изнесувал 28 848 лица.
Од месец во месец тој број постепено се зголемува, додава агенцијата. Кубанците сега се втора по големина националност, по Мексиканците, кои се појавуваат на границата со САД, покажуваат податоците на царината и граничната заштита на САД.
Растечката миграција се должи на комплексна низа фактори, вклучувајќи ги економските, енергетските и политичките кризи, како и длабокото незадоволство меѓу Кубанците.