На денешен ден пред 19 години беа киднапирани четири американски авиони и со нив беше извршен напад врз неколку цели во САД. Напаѓачите припадници на Ал каеда со тие напади убија вкупно 2 983 лица.
Два од авионите удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, попознати и како „Кулите близначки“, третиот авион се урна во зградата на Пентагон, крај Вашингтон, а четвртиот се урна во Пенсилванија, откако патниците им се спротивставиле на киднаперите.
Американците традиционално ја одбележуваат годишнината од нападот со читање на имињата на загинатите и оддавање почит на местото каде што беа уништени „Кулите близначки“. Притоа, се оддава и шестминутен молк во знак на почит. Четири од тие шест минути ги симболизираат точните времиња кога четирите киднапирани авиони ги погодија кулите, Пентагон и Пенсилванија, а преостанатите две претставуваат моментите кога се распаднаа северната и јужната кула на Светскиот трговски центар.
Церемонијата се одржува во близина на двата базена со водопади, што се изградија на местата каде некогаш беа кулите. При уривањето на кулите загинаа 2 606 лица, вклучувајќи 343 пожарникари и 60 полицајци. Уште 125 лица загинаа во нападот врз Пентагон. Сите присутни во четирите авиони беа убиени, вкупно 265, вклучувајќи ги и 19-те киднапери. Вкупно починаа 2 983 лица, жртвите беа државјани на вкупно 77 земји.
Речиси десет години подоцна, во 2011 година, американските сили го убија лидерот на Ал каеда, Осама бин Ладен, во Пакистан во операција одобрена од тогашниот американски претседател Барак Обама.