Тој додава дека на изјавите на Трамп не треба да се реагира со страв, туку со смиреност, достоинство и единство

САД нема да го преземат Гренланд, вели новиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен како одговор на изјавите на Доналд Трамп дека сака да ја преземе контролата врз големиот арктички полуавтономен остров.
„Претседателот Трамп рече дека САД ќе го заземат Гренланд. Дозволете ми да бидам јасен: САД нема да го сторат тоа. Ние никому не припаѓаме. Ние сами одлучуваме за нашата иднина“,
пишува Нилсен во објава на својот фејсбук-профил.
Тој додава дека на изјавите на Трамп не треба да се реагира со страв, туку со смиреност, достоинство и единство.
„И токму преку овие вредности мора јасно и смирено да му покажеме на американскиот претседател дека Гренланд е наш. Така беше вчера. Така е денес. Така ќе биде и во иднина“,
додава Нилсен.
Претходно денеска американскиот претседател Доналд Трамп во изјава за Ен-би-си рече дека САД 100 отсто ќе ја преземат контролата врз Гренланд, додавајќи оти постои „добра можност“ тоа да се постигне без воена интервенција.
„Не, никогаш не исклучувам воена сила. Но, мислам дека има добри шанси да го направиме тоа без неа. Ние имаме обврска да го заштитиме светот. Станува збор за светскиот мир и меѓународната безбедност. И додека сум претседател, тоа е моја одговорност. Не, не исклучувам ништо“,
рече Трамп.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс при неговата посета на Гренланд пред два дена рече дека Данска не инвестирала во безбедноста на островот, истовремено запоставувајќи го, пренесе Асошиејтед прес.
Тој рече дека очекува жителите на Гренланд да застанат на страната на американскиот претседател Доналд Трамп, кој сака Соединетите Американски Држави (САД) да го преземат островот и да се согласат на партнерство.
Ваквите забелешки Венс ги даде при посетата на американските војници во вселенската база „Питуфик“ на Гренланд, каде што беше во придружба на својата сопруга и други високи американски функционери.
Данската премиерка Мете Фредериксен, која се уште беше на функцијата, го отфрли тврдењето на Венс дека Данска не прави доволно за одбрана на Арктикот, нарекувајќи ја нејзината земја добар и силен сојузник.
Инаку, Јенс-Фредерик Нилсен, 33-годишен поранешен министер за индустрија и минерали, во петокот положи заклетва како најмладиот премиер на Гренланд за да се одговори на амбициите на Трамп да го контролира арктичкиот остров.