Некои земји, пак, ја поддржуваат оваа опција. Данска, на пример, од вчера почна да користи вакви сертификати на своја територија и тие важат за лицата што се целосно вакцинирани, прележале ковид-19 во последните 2-12 неделни или имаат негативен ПЦР-тест во претходните 72 часа
Американската влада не поддржува воведување на „ковид-пасоши“ за своите граѓани и, според последните изјави од Белата куќа, нема да им ги наметнува како обврска на Американците.
„Владата не поддржува и нема да поддржи систем што бара Американците да го имаат тој сертификат. Нема да има база на податоци за федерални вакцинирања ниту каква било федерална обврска што бара сите да добијат потврда за тоа“,
изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
Федералната влада, вели таа, има интерес личните податоци на граѓаните да бидат заштитени и затоа нема да ги користат за оваа намена.
Од друга страна, пак, во САД за воведување здравствени потврди дека некој е вакциниран се залагаат приватните компании со цел да ги отворат местата каде што се собираат голем број луѓе, како стадиони и театри.
Неколку земји, пак, веќе воведоа или планираат да воведат „здравствен пасош“, што треба да покаже дека лицето е вакцинирано против ковид-19. Тие веруваат дека ова ќе го олесни повторното организирање големи собири и патувања.
Данска, па пример, од вчера почна да користи „ковид-пасоши“ за домашна употреба, а властите ова го оправдуваат со тоа дека целта им е да им помогнат на несуштинските бизниси повторно да се отворат кон клиентите. Ваквиот сертификат за Данците е достапен и преку мобилна апликација, а важи за луѓето што се целосно вакцинирани, прележале ковид-19 во последните 2-12 неделни или имаат негативен ПЦР-тест во претходните 72 часа.
„Компаниите што ќе дозволат влез за клиенти без соодветен ’ковид-пасош‘ ќе бидат казнети со 400 евра или 6 000 евра за повторени прекршувања, додека клиентите ќе бидат казнети со 330 евра“,
предупреди данското Министерство за правда.
„Ковид-пасоши“ најверојатно ќе воведе и Европската Унија. Минатиот месец Европската комисија го објави предлогот со кој смета дека ќе се олесни патувањето во ЕУ. Тој предвидува граѓанин да може да влезе во земја на ЕУ со доказ за вакцинација, а вакцината да биде од тие што добиле одобрување за користење на пазарот во Унијата. Земјите-членки, според предлогот, би имале опција да прифатат и сертификати за вакцинација со други вакцини.
Светската здравствена организација (СЗО), пак, се противи на ковид-пасошите поради немањето цврст доказ дека вакцинацијата го спречува пренесувањето на вирусот, како и стравувањата од нееднаквост меѓу луѓето.