Обуката на украинската војска ќе започне следната недела во базата Форт Сил во Оклахома, а дел од неколку месечната обука ќе бидат меѓу 90 и 100 украински воени лица
САД ќе обучуваат украински воен персонал во воената база во сојузната држава Оклахома, во јужниот дел на земјата. Обуката ќе биде како да се одржуваат и ракуваат со системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, соопшти Пентагон.
На крајот на минатата година, САД објавија дека ќе испорачаат такви системи на Украина, што Киев го бара долго време.
Обуката на украинската војска ќе започне следната недела во базата Форт Сил во Оклахома, изјави портпаролот на Пентагон, генерал Пет Рајдер. Ќе се обучуваат меѓу 90 и 100 украински воени лица, а обуката ќе трае неколку месеци.
На ова реагираше рускиот амбасадор во САД кој вели дека плановите на САД да обучуваат украински воен персонал за употреба на ракети „Патриот“ даваат дополнителен доказ за учеството на Вашингтон во украинскиот конфликт.
„Одлуката на Министерството за одбрана на САД да организира курс за обука во Форт Сил во Оклахома е уште една потврда за де факто учеството на Вашингтон во украинскиот конфликт на страната на нацистичките криминалци во Киев“,
рече Анатолиј Антонов во изјавата објавена од неговата амбасада.
Антонов рече дека вистинската цел на американската администрација е да ѝ нанесе колку што е можно поголема штета на Русија на бојното поле од Украинците.