Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби рече дека САД понудиле помош во истрагата

САД виделе „рани индиции“ дека авионската несреќа во која се урна летало на „Азербејџан ерлајнс“ неделава, можеби била предизвикана од руски систем за противвоздушна опрема, соопшти Белата куќа, пренесува турската државна новинска агенција Анадолија.
„Имаме некои рани индиции што секако ја отвораат можноста дека овој авион бил соборен со руски противвоздушни системи“,
рече портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
Тој додаде дека истрагата е се уште во тек и дека се води од надлежните институции во Казахстан и во Азербејџан, додавајќи дека САД понудиле помош.
Како што понатаму пренесува агенцијата Анадолија, денеска за американската телевизиска мрежа МСНБЦ две официјални лица од американската армија изјавиле дека разузнавањето на САД смета дека Русија по грешка го идентификувала азербејџанскиот авион како украински дрон и потоа го соборила со систем за противвоздушна одбрана.
Летот на „Азербејџан ерлајнс“ од Баку до Грозни се урна во близина на Актау, Казахстан во средата. Во несреќата загинаа 38 луѓе, а ја преживеаја 29 од 67-те патници и членови на екипажот.
Додека Азербејџан и Казахстан водат истрага, официјални лица од Азербејџан изјавиле за агенцијата Анадолија дека уривањето е предизвикано од руски ракетен систем.
Падот се случил додека руската противвоздушна одбрана изведувала акции против украински дронови, а во регионот било забележано попречување на ГПС сигналот.
Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјавил дека нема да коментира ништо додека не заврши истрагата.
Денеска и Си-ен-ен објави дека според првичните индикации не исклучуваат оти можеби тој е соборен од руските сили за противвоздушна одбрана.
Си-ен-ен објави дека првичните сомнежи укажуваат на соборување, односно се претпоставува дека руските единици веројатно ја згрешиле целта кога се бранеле од украинските беспилотни летала и така го собориле азербејџанскиот авион.
