Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер порача дека Украина не поседува никакви „валкани бомби“ и нема намера да ги набавува
Украина и САД ги отфрлија тврдењата на Русија дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен на Твитер напиша дека зборувал со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за континуираната поддршка на САД за Украина и ги отфрла лажните наводи на Русија дека Украина се подготвува да употреби валкана бомба на своја територија.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу тврдењето за валканата бомба го изнесе во серија телефонски разговори со министрите за одбрана на Турција, Франција, Велика Британија и САД. Во тие повици, Шојгу изразил „загриженост за можни провокации од страна на Украина со користење на ‘валкана бомба’“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ги отфрли тврдењата дека Киев се подготвува да употреби валкана бомба.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер порача дека Украина не поседува никакви „валкани бомби“ и нема намера да ги набавува.
„Руските лаги за наводните планови на Украина да фрли валкана бомба се апсурдни, но и опасни. Прво, Украина е потписник на Договорот за неширење нуклеарно оружје, ние немаме никакви валкани бомби и не планираме да имаме. Второ, Русите често ги обвинуваат другите за она што тие самите го планираат“,
додаде Кулеба.
Министрите за надворешни работи на Франција, Велика Британија и САД рекоа дека никој нема да биде измамен ако Русија го интензивира конфликтот во Украина под изговор дека Киев ќе употреби „валкана бомба“ на своја територија.