Планот за испраќање „Патриоти“ во Украина се уште чека одобрение од американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, а потоа ќе оди на потпис кај американскиот претседател Џо Бајден
САД ги финализираат плановите за испраќање на ракетниот одбранбен систем „Патриот“ во Украина. Конечната одлука би можела да биде објавена веќе оваа недела, потврдуваат неколку американски претставници, пренесува Си-ен-ен.
Планот за испраќање „Патриот“ во Украина се уште чека одобрение од американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, а потоа ќе оди на потпис кај американскиот претседател Џо Бајден. И двајцата се очекува да го одобрат распоредувањето, изјавија тројца американски претставници за Си-ен-ен.
Откако планот ќе биде одобрен, ракетите „Патриот“ треба да бидат испратени во Украина многу брзо, а Украинците ќе бидат обучени да ги користат во американската воена база во Графенвоер, Германија, изјавија официјални лица.
Сè уште не е познато колку лансери „Патриот“ ќе бидат испратени во Украина, но системот „Патриот“ обично вклучува радар кој открива и следи цели, компјутери, опрема за генерирање на потребната енергија, контролен систем и до осум фрлачи, од кои секој може да испука четири проектили.
Одбранбениот систем „Патриот“ се смета за еден од најдобрите системи за ракетна одбрана со долг дострел против влезните балистички и крстаречки ракети. Тоа е систем кој може да собори руски ракети и авиони далеку од целите што Русите се обидуваат да ги погодат во Украина, наведува Си-ен-ен.
Американските власти истакнуваат дека тоа ќе биде најнапредниот одбранбен ракетен систем со долг дострел испратен во Украина, кој исто така ќе помогне да се обезбеди воздушниот простор над членките на НАТО во Источна Европа.
Украина ги повика САД да испратат напреден систем за противвоздушна одбрана со долг дострел, кој е многу ефикасен за пресретнување на балистички и крстаречки ракети, бидејќи се наоѓа под налет на руски ракетни и беспилотни напади кои ја уништија клучната инфраструктура низ целата земја.