Во заедничка изјава, лидерите на САД, Катар и Египет порачаа дека е време да се обезбеди прекин на огнот и да се ослободат заложниците
Дали преговарачките групи на Израел и палестинската милитантна група Хамас за момент ќе ги прекинат борбите и ќе седнат на преговарачка маса за да обезбедат барем привремен прекин на огнот?
Соединетите Американски Држави, Катар и Египет денеска ги повикаа двете завојувани страни да ги продолжат преговорите за прекин на огнот и за ослободување заложници на 15 август. Во заедничка изјава на лидерите на трите земји, американскиот претседател Џо Бајден, претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси, и катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани, се вели дека сега е време да се обезбеди итно олеснување и на долготрпеливиот народ во Газа и на долготрпеливите заложници и нивните семејства.
„Дојде време да се склучи прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците и затворениците“,
се вели во заедничката изјава.
Дополнително, се вели дека „рамковниот договор“ што го подготвиле сега е на маса, а останува да се разработат само деталите за спроведувањето.
Интензивираните разговори и обиди за воспоставување краткотраен мир од страна на големите сили доаѓа во период на тензии на Блискиот Исток. Пред десетина дена, во главниот град на Иран, Техеран, беше убиен политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије.
Иако Израел не презеде одговорност за убиството, иранските власти ветија дека ќе се одмаздат, по што американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги повика сите страни на Блискиот Исток да се воздржат од натамошна ескалација на тензиите. Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги предупреди Иран и организациите Хамас и Хезболах, кои ја имаат поддршката на Техеран, да не го напаѓаат Израел. Нетанјаху изјави дека Израел е веќе во „мултифронтовска војна против иранската оска на злото“.
Неколку дена по убиството на Ханије, Хамас објави дека е избран нов политички лидер кој ќе ја води групата – Јахја Синвар.
Синвар порано беше лидер на Хамас во Газа и се верува дека е мозокот на нападот и масакрот на 7 октомври 2023 година во јужен Израел, во кој загинаа повеќе од 1 200 луѓе и зедоа 251 заложник, по што Израел започна воена мисија во Појасот Газа.
Оттогаш тој се крие во Газа, а во февруари израелската војска објави видео на кое се гледа Синвар со членовите на семејството во еден од тунелите на Хамас.