„По решавањето на статусот, Соборот нема намера да ја условува новата сестринска црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, со препорака да го реши прашањето за своето официјално име во непосреден братски дијалог со останатите помесни православни цркви“, пишува во соопштението од Соборот на СПЦ
Соборот на Српската православна црква (СПЦ) денеска соопшти дека за македонската црква го прифаќа статусот на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна самостојност, статус кој ѝ беше доделен уште во 1959 година, пишуваат српските медиуми.
„Со благодарност кон Господ и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија односно полна внатрешна самостојност доделен уште во 1959 година. Со оглед дека со ова се отстранети причините за прекин на литургиското и канонското причестување, предизвикани со едностраното прогласување автокефалност во 1967 година, се воспоставува целосно литургиско и канонско причестување. Со воспоставувањето единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен туку е и целисходен, легитимен и реален“,
пишува во соопштението што го пренесува Б92.
Исто така, во него се додава и дека СПЦ во дијалогот за идниот и евентуален конечен канонски статус ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пастирските принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за реалполитичките, геополитичките, црковнополитичките и други слични факти или, пак, за еднострани иницијативи, притоа не подлегнувајќи под ничие влијание и притисок.
„Конечно, по решавањето на статусот, Соборот нема намера да ја условува новата сестринска црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, со препорака да го реши прашањето за своето официјално име во непосреден братски дијалог со останатите помесни православни цркви“,
пишува во соопштението од Соборот на СПЦ.
Ова следува откако на 9 мај Вселенската патријаршија за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.