Според образовните власти, ваквиот тренд се должи на реформи во образованието, воведување нови предмети или, пак, нов начин на реализација на наставата по одредени предмети. Од СОНК додаваат уште еден клучен фактор. Партиските вработувања.
Сѐ помалку ученици, а сѐ повеќе наставници. Ваков тренд бележи Државниот завод за статистика во својата публикација „Македонија низ бројки“.
Податоците се за изминативе десет учебни години од 2008/2009 до 2018/2019, а највпечатливи се оние за основното образование. Во овој период затворени се десет основни училишта во земјава и нивниот број од 1 052 сега е 1 042. Во исто време, бројот на основци се намалил за речиси 30 илјади – од 217 685 пред десет години, на 189 236 минатата учебна година. За разлика од нив, наставници има значително повеќе. Па така, основните училишта за една деценија имаат за 2331 наставници повеќе, ако се има предвид дека во учебната 2008/2009г. биле 16 246, а според статистичките показатели, сега се 18 580 наставници.
Во средното образование, бројот на училишта се зголемил за нови 24, па така до лани имало вкупно 138. Но, бројот на средношколци континуирано се намалува – од 94 387 пред десет години на 72 123, што е за 22 261 средношколец помалку. Но, и овде има зголемување на бројот на наставници и тоа 877 за десет години.
Во високото образование, пак, бројот на запишани студенти се намалил за 9 760, а наставници има 919 повеќе.
Според Министерството за образование овие бројки не се нелогични и велат дека ваквиот тренд се должи на реформи во образованието, воведување нови предмети или, пак, нов начин на реализација на наставата по одредени предмети. Уште велат дека фактор е и отворањето нови училишта.
„Имено, само во минатата учебна година беа воведени низа новини, на пример беше воведен концептот тандем наставници согласно кој стручни, професори по физичко образование го предаваат предметот на учениците од прво до петто одделение, наместо да предаваат одделенските наставници. Тоа создаде потреба од ангажман на дополнителен кадар во училиштата. Дополнително, ние сме земја која се залага за целосна инклузија на учениците со попреченост во редовните училишта, па така неопходно е и ангажирање стручни служби, педагози, психолози, специјални едукатори и рехабилитатори, лични и образовни асистенти во самите училишта во доволен број за да одговори на предизвиците на концептот на инклузија и право на образование за секој поединец“,
велат од МОН.
Од Министерството дури и размислуваат бројот на наставници дополнително да се зголеми „затоа што со новите законски решенија предвидено е намалување на бројот на ученици по паралелка, а тоа иницира потреба од повеќе кадар.“
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, смета дека на ваквата состојба влијаат два фактори. Во првиот тој се согласува со МОН дека некои реформи бараат поброен кадар. Вториот фактор, според него, се партиските вработувања.
„Вториот фактор ми се чини дека е дел од политичката приказна во Македонија кадешто заради сопствени интереси или интереси на партијата одреден број градоначалници примаат и вработуваат нови луѓе. Имаме сознание дека има доста наставници кои имаат неполн фонд на часови, на местото на пензионираните луѓе можат да ги земат тие часови, а еве се примаат нови луѓе. Значи тоа што има повеќе вработени не значи дека има и повеќе наставни часови туку дека има повеќе наставници коишто работат со помал фонд часови и земаат помала плата. Тие луѓе се примаат без разлика дали имаат потреба од полн фонд на часови или со помалку часови но мора да се прими затоа што тие луѓе утре ќе им се најдат, ќе бидат благодарни за вработувањето и ќе бидат нивни гласачи“,
смета Неделков.
Периодов надлежните во образованието прават стратегија како ќе се одржуваат часовите со почетокот на новата учебна година од септември во услови на корона-вирус. За тоа веројатно ќе бидат потребни и нови анализи околу објективно потребниот број наставен кадар.
Поврзана вест: Комбинирана настава со ротации: Дел од учениците во школо, дел онлајн?