Консензусот за наше членство во ЕУ треба да се обнови и не би било фер кон граѓаните да се блокираме самите себе, ниту пак кон државата бидејќи и онака доволно чекавме, доволно бевме блокирани и имавме пречки досега, смета главниот преговарач со ЕУ
Северна Македонија стои еднакво добро, а во некои делови и подобро од државите кои преговараат со Европската Унија, што ќе ни помогне да имаме помалку или помалку тешки бенч маркови кога ќе заврши скринингот и дека тоа би требало да ни биде шанса или добра стартна позиција за преговорите да траат пократко од тие на Србија и Црна Гора сега, изјави заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Преговорите се официјално почнати на 19 јули, скринингот е една задолжителна фаза на преговорите, тоа не е нешто ново, смислено само за нас, туку постоело за Србија и за Црна Гора, и за Хрватска и за сите други држави. Ние не почнавме од нула, овие два месеци, септември и октомври, ни се презентира оној дел од регулативата и стандардите што се донесени нови од 2019 наваму. Она што е донесено по ковид кризата, а има верувајте многу нови регулативи заради Ковидот, и прилагодување на денешните услови. Така што ни е признаено тоа што сме го слушале 2018 и 2019 година, а сега продолжуваме во скратена верзија на објаснувачкиот скрининг и веднаш почнуваме со билатералниот од месец ноември и тоа е еден вид на забрзување“,
рече Маричиќ во денешното гостување на тв 24 во „Студио10“.
Маричиќ, кој е воедно и главен преговарач со Унијата, објасни дека од ноември натаму започнува оној посериозен дел кој има повеќе тежина за нас, а тоа е билатералниот скрининг, каде што таа структура којашто сега им се презентира на македонските тимови ќе треба ние да ја презентираме по наше видување колку сме усогласени и каде уште ни треба усогласување и за колку време сме подготвени да се усогласиме за да станеме членка на ЕУ.
„Очекуваме во овие 14 месеци за време на скринингот да ги истакнеме на површина сите наши вредности, наши достигнувања и успеси, но и сите наши слабости и во кој рок треба да ги надминеме“,
изјави Маричиќ.
Тој додаде дека по скринингот ЕУ прави извештаи по однос на тоа што ние сме го презентирале и врз основа на тоа што тие ни го претставиле и на тие извештаи се креираат мерила, бенџ маркови за секое поглавје, за секој кластер – што ние треба да исполниме за да станеме членка на ЕУ.
На прашањето за уставните измени и продолжување на евроинтегративниот процес на земјата, Маричиќ одговори дека од првиот ден опозицијата има подадена рака за да се вклучи во процесот на преговори, изразувајќи верување дека има во ВМРО-ДПМНЕ и пратеници и политичари коишто ја сфаќаат тежината на овој процес, кои сфаќаат дека овој процес е неповторлив и дека ние не треба самите да се закочиме себе по прифаќањето на францускиот предлог, односно по преземањето на обврската за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот.
„Јас еве и јавно го повикувам Александар Николоски, како претседател на Националниот совет за Евроинтеграции, едно важно тело во целиот процес, да седнеме и да разговараме на кој начин тоа тело, а со тоа и опозицијата ќе имаат улога во овој процес. Со тоа што ние во текот на скринингот ќе треба да утврдиме преговарачки позиции, тоа значи дека треба да се обврземе за колку време можеме некои работи да ги прифатиме и да ги исполниме, во тоа има улога и Парламентот, и затоа е важно и опозицијата да биде вклучена“,
истакна Маричиќ.
Главниот преговарач Маричиќ во продолжение објасни дека билатералните прашања ќе треба билатерално да ги решаваме и дека затоа постои историска комисија, постојат други форми на соработка и тие прашања кои се во Протоколот, Северна Македонија билатерално ќе ги решава со Бугарија.
„Во преговарачката рамка е јасно наведено дека генерален критериум за пристапување или напредок се добрососедските односи. Тука се ставени и договорот со Грција и договорот со Бугарија. Тоа е оценка на некој генерален напредок кој ние треба да го постигнеме со Грција и Бугарија. Нормално, напредокот зависи од двете страни и она што нам ни е најважно, на што инсистираме и сега е на меѓусебно почитување и реципроцитет секаде каде што тоа е возможно и неопходно“,
додаде Маричиќ.
Главниот преговарач со ЕУ мисли дека консензусот за наше членство во ЕУ треба да се обнови и дека не би било фер кон граѓаните да се блокираме самите себе, ниту пак кон државата бидејќи и онака доволно чекавме, доволно бевме блокирани и имавме пречки досега.
„Ние се боревме како Влада да оствариме две битни цели. Едната е да си ја оствариме нашата надворешна политичка цел за членство во ЕУ, да не остане таа само на хартија и само во теорија. Втората е да си го заштитиме нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик. Јас сметам дека тоа е возможно. Дека ние може да влеземе во ЕУ во догледно време како Македонци кои говорат македонски јазик. Ако тоа го сфатиме и работиме на таа кауза и како политички партии и како поединци и како медиуми и општествени чинители можеме да го постигнеме сето тоа. Ова е задача на целото општество“,
порача Маричиќ.
Тој најави дека следните два дена ќе бидат скрининг состаноците за поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, а наредната недела дека продолжуваат со многу важно поглавје 23 – Правосудство и темелни права.