Финска и 14 земји сојузнички во НАТО (Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Германија , Унгарија, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Словачка, Словенија, Романија и Велика Британија) денеска потпишаа Писмо со намери за развој на „Иницијатива за европски небесен штит“. Целта на групата предводена од Германија е да создаде европски систем на противвоздушна одбрана преку заедничка набавка на опрема
На прашање на „360 степени“, зошто С Македонија како земја-членка на НАТО не е дел од иницијативата и дали евентуално би била под „чадорот“ на некоја од сојузниците учеснички во проектот, како Бугарија, од Министерството за одбрана (МО) велат дека „согласно доделените цели на способности, Република Северна Македонија е фокусирана на развој на Лесната пешадиска баталјонска група која во својот состав предвидува развој на против-воздушни капацитети (на мали височини н.з.) за одбрана“
Министрите за одбрана на 14 земји-членки на НАТО и Финска денеска во седиштето на Алијансата во Брисел потпишаа Писмо со намери за развој на „Иницијатива за европски небесен штит“.
Иницијативата, која е предводена од Германија, како што информира НАТО е со цел содавање на европски систем за воздушна и ракетна одбрана преку заедничко купување на опрема.

Четиринаесетте земји сојузнички во НАТО кои ја потпишаа иницијативата се: Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Германија , Унгарија, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Словачка, Словенија, Романија и Велика Британија.
На прашање на „360 степени“, зошто С Македонија како земја-членка на НАТО не е дел од иницијативата и дали евентуално би била под „чадорот“ на некоја од сојузниците учеснички во проектот, како Бугарија, од Министерството за одбрана (МО) велат дека „согласно доделените цели на способности, Република Северна Македонија е фокусирана на развој на Лесната пешадиска баталјонска група која во својот состав предвидува развој на против-воздушни капацитети (на мали височини н.з.) за одбрана“.
„Во таа насока е последниот склучен договор за противвоздушни (ПВО) системи со Франција, со кои Северна Македонија ги јакне своите национални способности и придонесува во колективниот систем на одбрана“,
стои во одговорот од Министерството за одбрана.
Од Министерството за одбрана објаснуваат и дека во иницијативите во НАТО не секогаш учестуваат сите земји членки, а и дека Алијансата и сега има систем за пресретнување на опаност од воздухот.
„НАТО има систем за против-воздушна одбрана кој ја покрива целата територија на Алијансата, вклучително и Северна Македонија која е заштитена од тој систем“,
додаваат од МО.

Инаку во однос на иницијативата за развој на европски систем за воздушна и ракетна одбрана, од НАТО посочуваат дека „ова треба да ја зајакне интегрираната воздушна и ракетна одбрана на НАТО“.
„Оваа посветеност е уште поважна денес, бидејќи сме сведоци на немилосрдните и неселективни ракетни напади на Русија во Украина, убивајќи цивили и уништувајќи ја критичната инфраструктура. Во овој контекст, силно го поздравувам лидерството на Германија во покренувањето на Иницијатива за европски небесен штит“,
рече заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.
Тој додаде дека новите средства, целосно интероперабилни и беспрекорно интегрирани во воздушната и ракетната одбрана на НАТО, значително ќе ја подобрат способноста за одбрана на Алијансата од сите воздушни и ракетни закани.
„Иницијативата ќе им овозможи на сите земји-учеснички заеднички да развијат систем за противвоздушна одбрана користејќи интероперабилни решенија кои не се достапни. Овој мултинационален и повеќеслоен пристап нуди флексибилен начин за нациите да ја зајакнат својата одбрана на ефикасен и економичен начин“,
велат од Северноатлантската алијанса.
На почетокот на септември годинава Министерството за одбрана соопшти дека во договор со Министерството за одбрана на Франција ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана.
Системот за противвоздушна одбрана на мали височини треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а истиот е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата, соопштија тогаш од Министерството за одбрана.