Министерот Дендиас на средбата со Османи ги потенцирал јасните позиции на Грција за силна и континуирана поддршка за Северна Македонија во нејзиниот европски пат
Четири години по потпишувањето на договорот од Преспа, со Грција успеавме да изградиме стратешки однос, со предвидлива динамика и развој, кое може да се огледа како во нашиот континуиран политички дијалог, така и во поглед на нашата економска соработка и зголемената трговска размена, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи, а својот став го изнесе по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас, на маргините на 77-то генерално собрание на ОН.
Како што информираат од МНР, Османи изразил задоволство за искажаната подготвеност на Владата на Грција за помош на Северна Македонија во справувањето со предизвиците со енергетската криза.
„Постигнатиот договор од Преспа денеска служи како модел за успешно решавање на отворени билатерални прашања меѓу две соседни држави“,
било повторено во разговорите.
Исто така, било укажано на важноста од понатамошната имплементација на договорот, како и одлучноста на двете страни да продолжат со напори во таа насока, со што ќе се исполнуваат целите на договорот и Акцискиот план за соработка.
Во однос на европската перспектива на Северна Македонија, двајцата министри го поздравиле одржувањето на првата Меѓувладина конференција и започнувањето на пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ. Министерот Дендиас ги потенцирал јасните позиции на Грција за силна и континуирана поддршка за Северна Македонија во нејзиниот европски пат, како и поддршката за останатите држави од регионот на Западен Балкан во нивните европски и вро-атлантски интеграции.
Посебно внимание било посветено на предизвиците поврзани со руската агресија врз Украина, соработката во рамките на НАТО и претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ почнувајќи од 1 јануари.