Успеавме да стигнеме до идејата за ова заедничко чествување, тоа е заслугата на нашата заедничка историска комисија, која дава една општа интерпретација на делата на Кирил и Методиј и на свети Климент Охридски и во овој случај тоа е еден многу позитивен знак, вели министерот за надворешни работи на Бугарија
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, најави дека, согласно постигнатиот договор меѓу двете земји, заеднички ќе биде празнувана дејноста на свети Климент Охридски.
„По првпат заеднички ќе ја празнуваме дејноста на свети Климент Охридски, ќе положиме цвеќе во знак на почит пред споменикот на свети Климент Охридски, тој е еден од најпознатите ученици на светите браќа свети Кирил и Методиј кои ние ги почитуваме и го почитуваме нивното дело“,
рече Милков на денешната прес-конференција со својот колега Бујар Османи во рамки на бизнис-форумот „До една милијарда и понатаму“.
Според Милков, заслугата за заедничкото чествување на свети Климент Охридски е на заедничката историска комисија.
„Успеваме да стигнеме до идејата за ова заедничко чествување, тоа е заслугата на нашата заедничка историска комисија, која дава една општа интерпретација на делата на Кирил и Методиј и на свети Климент Охридски и во овој случај тоа е еден многу позитивен знак. Кога ние имаме заедничка концепција и општо разбирање за различни историски периоди, за различни историски личности тоа ќе реши ред проблеми кои денес ги има во нашите современи односи“,
рече Милков.
Тој ја потврди заедничката поддршка за работата на заедничката историска комисија и нагласи дека нејзиното успешно функционирање придонесува во работењето на развојот на добрососедските односи.
Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија во август, во исто време, на официјалните интернет-страници ги објавија усогласените препораки во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Обелоденувањето на препораките дојде по потпишувањето на Протоколот на 17 јули 2022 година, во кој се предвидува дека во рок од еден месец двете држави треба да ги објават веќе усвоените препораки од досегашната работа на историско-образовната комисија.
Станува збор за две групи препораки – за заедничко одбележување и за корекции во дел од учебниците. Усогласените препораки за заедничко чествување се однесуваат на св. Кирил и Методиј, св. Наум Охридски, св. Климент Охридски и цар Самуил. Истовремено, Комисијата усогласила и по пет препораки за учебниците по историја за 5. клас во Бугарија и за 6. одделение во Северна Македонија кои се однесуваат на периодот на антиката.