Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска денеска на паузата од судењето за „Рекет“ го коментираше исказот на обвинителката Лиле Стефанова која во своето сведочење ја спомена судијката Добрила Кацарска како еден од емисарите кои се јавувале за случајот „Империја“.

„Секој што има сознанија и мисли дека некој судија постапува непрофесионално треба да го пријави во Судски совет. Колешката Стефанова, како обвинител, треба да ја знае таа процедура. Недозволиво е вакви сомневања, после година и пол, да се изнесуваат во судница и притоа да не биде известен Судскиот совет“,
изјави Русковска.
Стефанова во сведочењето за „Рекет“ во понеделникот рече дека осомничените во „Империја“, Орце Камчев и Цветан Панделески, барале секаков начин да добијат информации за предметот, па така праќале разни емисари како политичари, бизнисмени, судии, обвинители…
Потоа, одговарајќи на вкрстени прашања на адвокатот на Бојан Јовановски, Сашко Дукоски, рече дека судијката Кацарска се јавувала кај нејзин колега, како и дека цел ден и ноќ била во судот кога се одлучувало за притворот на Камчев. Кацарска, пак, во изјава за медиумите остро ги демантираше ваквите наводи и рече дека е згрозена и размислува да поднесе тужба за клевета и навреда.
Покрај за исказот на Стефанова, Русковска во денешната изјава за медиумите зборуваше и за материјалните докази што денеска се презентираат во судницата за случајот „Рекет“. Како што рече, преку парчињата брендирана облека и останатите запленети работи од домот на Боки го докажуваат кривичното дело перење пари.
Во однос на случајот „Империја“, таа рече дека истрагата е во тек, а во случајот покрај Стефанова сега е вклучена и обвинителката Гордана Смаќоска, која се запознава со досега собраните докази. Исто така, како што веќе објави „360 степени“, Русковска посочи дека ѝ е познато и дека во обвинителството се повикани сведоци. Во однос, пак, на обвинувањата од Боки 13 за корупција од 4 милиони евра, обвинителката и денеска ги повика сите што имаат докази да ја пријават во МВР бидејќи, како што рече, не се сомнева дека Министерството ќе си ја заврши работата професионално.