Обвинителката Вилма Русковска денеска ќе ја обжали одлуката за нејзината суспензија. Таа за МИА потврдила дека на пладне ќе ја поднесе жалбата до Советот на јавни обвинители, по што ќе даде изјава за медиумите.
Обвинителката Русковска има два предмети кои се во пред истрага – едниот за Финансиска полиција и тој за станицата за технички преглед каде бил регистриран автобусот кој што изгоре во Бугарија.
Токму за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција, директорот Арафат Муареми на 8 август годинава поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против сите обвинители за кои тие сметаат дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела при постапување.
Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа. Постапка за дисциплниска одговорност е поденсена и против обвинителките Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчевска.
„360 степени“ вчера побара одговори од обвинителот Јовески која конкретна кривична постапка ја имал предвид Јавниот обвинител на РСМ кога го донел Решението за суспензија? Прашавме и ако станува збор за кривичната пријава понесена од Управата за финансиска полиција на 8 август 2022 г., зошто Јавниот обвинител на РСМ решил да ја искористи таа пријава како основа за донесување на Решението за оддалечување од функцијата, а не постапил на ист начин во многу други ситуации во кои се поднесувани кривични пријави против јавни обвинители.
Од Јавното обвинителство не открија детали со образложение дека се е наведено во решението што е доставено до обвинителите.
„Решението за оддалечување од функцијата е образложено и доставено до јавниот обвинител на кое се однесува. Во него се наведени основите за оддалечување и временскиот период во кој јавниот обвинител се оддалечува од функцијата. Со оглед на тоа што наведениот јавен обвинител има право на жалба на донесеното решение, Јавното обвинителство не е во можност да навлегува во деталите од донесеното решение. Сепак, истакнуваме дека образложението е поткрепено со конкретен опис на дејствијата заради кои ваквата мерка беше неопходна во конкретниот случај, особено имајќи ги предвид наодите од неодамна извршениот надзор и увид во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Мерката – времено оддалечување од функцијата е предвидена во Законот за јавното обвинителство, каде во членот 81 стои дека ‘јавниот обвинител МОЖЕ да биде оддалечен од вршењето на јавнообвинителската функција за време додека трае кривична постапка против него или кога е поведена дисциплинска постапка’. За примена на оваа мерка Јавниот обвинител на Република Северна Македонија одлучува во секој случај поединечно, во зависност од специфичните околности и можноста за влијание врз постапките“.
одговорија од Обвинителството.