Во врска техничкиот прием на болницата, Русковска рече дека немаат информации кој го вршел, но кажа дека ќе се проверува дали техничката спецификација од јавната набавка била одобрена од Светската банка
Бирото за јавни набавки и Министерството за труд и социјална политика доставиле документација за модуларната болница во Тетово до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и таа е пристигната уште во вторникот, а обвинителите веќе започнале со нејзино разгледување.
Ова го кажа шефицата на ова Обвинителство, Вилма Русковска, прашана од новинарите дали ја добиле документацијата, што се истражува и дали имаат некакви првични сознанија за пожарот во тетовската модуларна болница.
„Утринава се почна со разгледување на документацијата и немам никакви поконкретни сознанија“,
рече таа по денешната конференција „Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата во контекст на планот на Владата за борба против корупцијата“, во организација на Коалицијата „Сите за правично судење“ во соработка со Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ).
Прашана што ќе проверува Обвинителството, Русковска потенцира дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е надлежно само во делот на јавната набавка и само тоа ќе се проверува, односно дали се испочитувани процедурите, и дали оваа набавка одела и според посебен закон што го има донесено Владата.
Во врска техничкиот прием на болницата, Русковска рече дека немаат информации кој го вршел, но кажа дека ќе се проверува дали техничката спецификација од јавната набавка била одобрена од Светската банка.
„Тоа се документи од набавката и, колку што имам првични информации, наши експерти ја направиле техничката документација, а од Светска банка направиле одредени корекции на таа техничка документација и ќе се проверува дали модуларните болници се набавени и направени во согласност со таа техничка документација, која е одобрена од страна на Светската банка“,
рече Русковска.