Oбвинителот тврди дека Американката намерно се обидела да прошверцува нелегални супстанци во Русија
Грaјнер се изјасни за виновна, посочувајќи дека има масло од канабис што се користи за електронски цигари, но рече дека не ги прекршила руските закони намерно, затоа што по грешка ги спакувала патроните кога дошла од САД
Во Русија во тек е судењето на Американката Бритни Грајнер, една од најпознатите кошаркарки во светот, на која и се заканува затворска казна за кривично дело поседување и шверц на опојни средства.
Обвинителството во Химки побара речиси максимална казна за 31-годишната жена од Хјустон – девет и пол години затвор, јавува Асошиејтед прес.
Судењето завршува по шест месеци притвор за двократната олимписка шампионка, која беше лишена од слобода во февруари на аеродромот Шереметјево.
Грaјнер се изјасни за виновна, посочувајќи дека има масло од канабис што се користи за електронски цигари, но рече дека не ги прекршила руските закони намерно, затоа што по грешка ги спакувала патроните кога дошла од САД.
Одбраната на Бритни Грајнер изнесе сведоци кои во позитивно светло зборуваа за ликот на популарната кошаркарка во обид да ја намали казната што е можно повеќе. Нејзините адвокати изјавија дека таа успешно го носела дресот на руски „Екатеринбург“ и дека соиграчите и ривалите многу ја почитувале, како и дека контроверзната супстанца ја користела во Аризона, каде што е дозволено, а причината за користењето на тоа масло е болка поради повредите кои ги добила во текот на неговата кариера.
Адвокатите на одбраната изнесоа и информации дека Грајнер за време на притворот развила пријателски однос со стражарите, кои ја тешеле и и рекле дека се ќе биде во ред, додека обвинителот тврди дека Американката намерно се обидела да прошверцува нелегални супстанци во Русија.