Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, потсети на член 5 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Руската Федерација и Народна Република Кина од 16 јули 2001 година во кој се вели дека Тајван е составен дел од Кина
Изборите во Тајван продолжуваат и понатаму да предизвикуваат реакции од светските сили. По реакциите на Кина и САД, Москва ги повика „надворешните сили“ да се воздржат од провокации во врска со изборите во Тајван.
„Ние веруваме дека односите меѓу страните на Тајванскиот теснец се исклучиво внатрешна работа на Кина. Обидите на одредени земји да ги искористат изборите во Тајван за да извршат притисок врз Пекинг и да ја дестабилизираат ситуацијата во теснецот и регионот во целина – се контрапродуктивни и заслужуваат широка осуда од меѓународната заедница. Ги повикуваме сите надворешни сили да се воздржат од провокативни дејства кои ја поткопуваат регионалната стабилност и меѓународната безбедност“,
изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Според неа, позицијата на Русија за Тајван е добро позната во светот, конзистентна и непроменлива, дека се работи за територија која е составен дел на Кина.
Захарова потсети на член 5 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Руската Федерација и Народна Република Кина од 16 јули 2001 година, во кој се вели дека „руската страна ја потврдува непроменливоста на нејзината принципиелна позиција за тајванското прашање, кое е наведено во политичките документи, потпишани од лидерите на двете земји во периодот од 1992 до 2000 година“.
„Руската страна признава дека има само една Кина во светот, Владата на Народна Република Кина е единствената легитимна влада што ја претставува цела Кина, а Тајван е составен дел на Кина. Руската страна е против независноста на Тајван во која било форма“,
потенцира Захарова во изјавата.