Партијата на победничкиот претседателски кандидат Вилијам Лаи Чинг-те се залага за посебниот идентитет на Тајван и ги отфрла територијалните претензии на Пекинг. Пред одржувањето на изборите, Кина го именуваше Лаи како опасен сепаратист, велејќи дека секој потег кон формална независност на Тајван би значел војна
Вилијам Лаи Чинг-те, кандидатот на владејачката Демократска напредна партија (ДПЛ), победи на изборите за претседател на Тајван и покрај предупредувањата на Кина до тајванските гласачи да не гласаат за него. Ова го покажуваат прелиминарните резултати од изборите кои официјален Пекинг ги оцени како избор меѓу војна и мир.

Партијата на Лаи се залага за посебниот идентитет на Тајван и ги отфрла територијалните претензии на Пекинг.
Претседателскиот кандидат на тајванската владејачка партија на овие избори се соочи со Хоу Ју-их од најголемата опозициска партија Куоминтанг (КМТ) и поранешниот градоначалник на Тајпеј, Ко Вен-је, од малата Тајванска народна партија, основана во 2019 година. И двајцата противкандидати на Лаи го признаа поразот.
Во своето прво обраќање по објавувањето на прелиминарните изборни резултати, Лаи рече дека на овие избори на светот му покажале колку ја негуваат демократијата.
„Сакам да му се заблагодарам на тајванскиот народ што испиша ново поглавје во нашата демократија. Ние ѝ укажуваме на меѓународната заедница дека помеѓу демократијата и авторитаризмот, ние ќе застанеме на страната на демократијата. Ќе користиме дијалог наместо конфронтација“,
рече Лаи во победничкиот говор.
Пред одржувањето на изборите, Кина го именуваше Лаи како опасен сепаратист, велејќи дека секој потег кон формална независност на Тајван би значел војна и ги отфрли поканите на Лаи за разговори.