Полковниците Вјачеслав Макаров и Евгениј Бровко загинаа на фронтот во Бахмут, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков. Ова е една од ретките потврди на загуби на офицери која е потврдена од официјална Москва. Во минатото украинските власти објавуваа за загинувања на руски офицери, но нивните наводи константно беа негирани од страна на Русија.
Инаку, во меѓувреме, продолжија тешките битки на фронтот низ цела Украина. Во последните денови, според Русија, украинските воени сили направиле масовни обиди да ја пробијат руската одбрана на северот и на југот на Бахмут, но според информациите од официјална Москва, сите напади биле успешно одбиени.
Претходно денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски од Берлин изјави дека Украина во моментов работи на враќање на окупираните територии и објасни дека украинската армија не напаѓа цели на руска територија.
„Немаме ниту време, ниту сила, ниту оружје за такво нешто. Нашата цел е да ги вратиме неправедно окупираните територии“,
рече Зеленски.
Украинскиот претседател апелираше до Германија да придонесе за создавање „коалиција за испорака на борбени авиони во Украина“. Шолц реагираше воздржано и посочи дека Германија ќе се фокусира на „системите за оружје испорачани досега“.
Во исто време, Зеленски нагласи дека Украина е подготвена за мировни преговори, кои мора да се засноваат на украинските позиции и мировниот план, што значи целосно повлекување на руските сили.
„Станува збор за војна што се одвива на наша територија“,
рече Зеленски.
Шолц најави дека попладне заедно со Зеленски ќе отпатува за Ахен, каде што на украинскиот претседател ќе му биде врачена наградата „Карло Велики“, која се доделува на луѓе кои дале посебен придонес во процесот на европското единство.
Програмата на посетата на украинскиот претседател се чуваше во тајност до последен момент. Зеленски пристигна во Берлин од Италија со германски владин авион и придружуван од германски воени авиони.