Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи ја повикаа руската амбасада да го осуди инцидентот

Два руски борбени авиони извршиле „повеќекратни и опасни“ пресретнувања на невооружен извидувачки авион на Кралските воздухопловни сили (РАФ) над Црното Море минатиот месец, соопшти Министерството за одбрана на Велика Британија. Во соопштението се вели дека ова е најопасната таква руска акција од 2022 година, кога пилот испука ракета кон сличен авион, објави Би-би-си.
Руски борбен авион „су-35“ се приближил до извидувачкиот авион „ривет џоинт“ толку близу што неговите системи за предупредување биле активирани и автопилотот бил исклучен. Другиот авион, „су-27“, направил шест прелети пред авионот на РАФ, во еден момент приближувајќи се на шест метри од неговиот клун. Министерството соопшти дека „ривет џоинт“ бил на рутинска мисија во меѓународниот воздушен простор за обезбедување на источното крило на НАТО.
Министерот за одбрана Џон Хили го пофали „исклучителниот професионализам“ на екипажите на РАФ за време на, како што рече, неприфатливите руски маневри.
„Овој инцидент е уште еден пример за опасното и неприфатливо однесување на руските пилоти кон невооружен авион што лета во меѓународниот воздушен простор. Ваквите дејствија создаваат сериозен ризик од несреќа и ескалација“,
рече Хили.
Тој додаде дека инцидентот нема да ја поколеба посветеноста на Обединетото Кралство за одбрана на НАТО, сојузниците и интересите од руската агресија.
Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи ја повикаа руската амбасада да го осуди инцидентот.
Министерството за одбрана додава дека најновото пресретнување се случува во време на зголемена руска агресија во регионот и посочи на неодамнешната активност на подморниците над клучната британска подводна инфраструктура во Северното Море.
