„Утре во 15 часот (14 часот по македонско време) во салата ‘Свети Џорџ’ во Големата палата во Кремљ ќе се одржи церемонија за потпишување на приклучувањето на новите територии во Русија“, најави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков. За утре е најавено и големо обраќање на Путин, на кое се очекува тој официјално да ја објави анексијата на четирите украински територии
Рускиот претседател Владимир Путин утре ќе одржи церемонија на која формално ќе ги потпише документите за анексија на четирите украински региони – Луганск, Донецк, Херсон и Запорожје, откако во овие области се спроведоа референдуми за приклучување кон Руската Федерација што Украина и Западот ги осудија како лажни, пишува Би-би-си.
По спроведените референдуми, официјални лица во регионите поддржани од Москва кажаа дека се задоволни од успехот на гласањето и дека обезбедиле речиси целосна поддршка од граѓаните за приклучување кон Русија.
„Утре во 15:00 часот (12:00 часот по македонско време) во салата ‘Свети Џорџ’ во Големата палата во Кремљ ќе се одржи церемонија за потпишување на приклучувањето на новите територии во Русија“,
изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека ќе бидат потпишани посебни договори со двајцата сепаратистички лидери поддржани од Русија од исток и двајцата функционери назначени од Русија од југ.
За утре е најавено и големо обраќање на Путин на кое се очекува тој официјално да ја објави анексијата на четирите украински територии.
Настанот ја повторува руската анексија на Крим во 2014 година, која исто така уследи по дискредитиран референдум. Таа првична анексија никогаш не била признаена од огромното мнозинство на меѓународната заедница.
Како и во случајот со анексијата на Крим, двата дома на рускиот парламент формално ќе ги ратификуваат договорите за анексија следната недела. Се очекува рускиот претседател да се обрати до Горниот дом на парламентот на 4 октомври, три дена пред неговиот 70 роденден.
По спроведените референдуми во четирите украински региони, САД соопштија дека ќе воведат санкции кон Русија поради референдумите, додека земјите членки на ЕУ размислуваат за осми круг мерки, вклучувајќи санкции за сите вклучени во организацијата на гласањето.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, повеќепати изјави дека „псевдореферендумите“ се безвредни.
„Територијалниот интегритет на Украина ќе биде обновен. И нашата реакција на признавањето на резултатите од Русија ќе биде многу сурова“,
изјави Зеленски.
Украинското Министерство за надворешни работи објави дека „пропагандното шоу во кое Русите распишуваат референдуми на привремено окупираните територии е уште едно руско злосторство“ и ги смета за „целосно безвредни“.
По петдневните референдуми, проруските власти во Украина објавија дека во сите четири региони во кои беше спроведено гласањето, Украинците во голем процент гласале за приклучување кон Русија. Во регионот на Донецк во источна Украина, 99,2 отсто од оние што излегле на референдумот гласале за приклучување. Во регионот Луганск руските претставници изјавија дека конечниот резултат бил 98,4 отсто во корист на анексијата.
Изборното тело во Запорожје објави дека 93,1 отсто од жителите гласале за анексија, додека во Херсон нешто над 87 отсто од гласачите гласале за приклучување кон Руската Федерација.