Поради својата локација, регионот Калининград, лоциран помеѓу Литванија и Полска (земји членки на НАТО) е ставен на чело на напорите на Москва да се спротивстави на она што таа го смета за непријателска политика на НАТО
Руската војска денеска соопшти дека распоредила воени авиони вооружени со најсовремени хиперсонични ракети во регионот на Калининград, додека се зголемуваат тензиите во нејзините односи со Западот поради инвазијата на Украина.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека три ловци МиГ-31 со хиперсонични ракети „Кинжал“ пристигнале во воздухопловната база Чкаловски во енклавата на Балтичкото Море како дополнителна стратешка мерка за одвраќање, а дека воените авиони ќе бидат ставени во 24-часовна подготвеност.
Ракетите „Кинжал“, што на руски значи бодеж, се невидливи за противвоздушната и противракетната одбрана на непријателот. Москва тврди дека овие проектили летаат со екстремно големи брзини, до 10 маха или 12 000 километри на час и дека во комбинација со маневарските способности, тие се исклучително тешки или невозможни за пресретнување.
Поради својата локација, регионот Калининград, лоциран помеѓу Литванија и Полска (земји членки на НАТО) е ставен на чело на напорите на Москва да се спротивстави на она што таа го смета за непријателска политика на НАТО.
Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Финска соопшти дека два руски борбени авиони Миг-31 утринава навлегле во финскиот воздушен простор во близина на крајбрежниот град Порво, западно од Хелсинки, на 150 километри од руската граница, по што граничната стража на нордиската земја започнала прелиминарна истрага за инцидентот.