Секоја размена, како што јавува агенцијата Ројтерс повикувајќи се на три извори запознаени со разговорите, ќе биде поврзана со продолжување на рускиот извоз на амонијак, кој оди во Азија и Африка преку украински цевковод
Претставници на Русија и Украина минатата недела се состанале во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за да разговараат околу можноста за размена на воени заробеници, се вели во извештај на новинската агенција Ројтерс, пренесува „Гардијан“.
Секоја размена, како што јавува агенцијата повикувајќи се на три извори запознаени со разговорите, ќе биде поврзана со продолжување на рускиот извоз на амонијак, кој оди во Азија и Африка преку украински цевковод.
„Изворите рекоа дека разговорите се со посредство на арапската држава од Персискиот Залив и не ги вклучуваат Обединетите нации и покрај централната улога на ОН во преговорите за тековната иницијатива за извоз на земјоделски производи од три украински пристаништа на Црното Море. Амонијакот се користи за производство на вештачко ѓубриво“,
се наведува во извештајот на Ројтерс.
Разговорите, како што се додава, имаат за цел да ги отстранат преостанатите пречки во иницијативата продолжена минатата недела и да го олеснат глобалниот недостиг на храна со деблокирање на украинскиот и рускиот извоз.
Изворите побарале да не бидат именувани за да можат „слободно да разговараат за чувствителните работи“.
Според нив, руските и украинските претставници отпатувале во главниот град на ОАЕ, Абу Даби, на 17 ноември, каде што разговарале околу можноста Русија да продолжи со извоз на амонијак во замена за размена на воени заработени што ќе овозможи да бидат ослободени голем број украински и руски затвореници.
Од новинската агенција велат дека засега не можат да утврдат каков напредок е постигнат во разговорите.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и украинското министерство за инфраструктура минатата недела, односно на 17 октомври, односно истиот ден кога руските и украинските претставници отпатувале на разговори во Абу Даби, соопштија дека е постигнат договор за продолжување на иницијативата за извоз на украинско жито преку Црното Море.
Русија и Украина во јули годинава се согласија за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од оваа земја. Договорот беше потпишан од министри од двете земји на 22 јули, а со посредство на Обединетите нации и Турција.
Претходно извозот на житарки од Украина преку Црното Море беше блокиран откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари, годинава.