Пресудата, како што пренесуваат странските агенции, сè уште не е правосилна и може да се обжали во рок од 15 дена

Новинарот на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович денеска е осуден на 16 години затвор од Регионалниот суд во Екатеринбург, Русија.
Гершкович е прогласен за виновен за шпионажа според член 276 од Кривичниот законик на Русија.
Судењето на Гершкович за шпионажа се одржа зад затворени врати. Пресудата, како што пренесуваат странските агенции, сè уште не е правосилна и може да се обжали во рок од 15 дена.
„Оваа срамна, лажна пресуда доаѓа откако Еван помина 478 дена во затвор, незаконски притворен, далеку од семејството и пријателите, спречен да известува, сето тоа затоа што ја извршува својата работа како новинар“,
велат во соопштение од „Волстрит журнал“.
Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека САД вршат притисок за ослободување на новинарот Еван Гершкович, пренесуваат британските медиуми.
„Нема сомнеж дека Русија неправедно го приведе Еван. Новинарството не е кривично дело. Ќе продолжиме цврсто да се залагаме за слободата на печатот во Русија и во светот, и ќе застанеме против сите оние кои сакаат да ги таргетираат новинарите“,
рече Бајден во изјавата, пренесува Би-би-си.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до тајни информации што требало да ѝ ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот во кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Путин во февруари изјави дека Гершкович може да биде ослободен во замена за Русин во германски затвор обвинет за убиство.
Рускиот суд во април ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Поранешниот американски новинар Доналд Трамп во мај годинава објави дека ќе ја искористи врската со рускиот претседател Владимир Путин за да обезбеди ослободување на новинарот на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович, од руски затвор.
Трамп на својата социјална мрежа Трут сошал напиша дека тоа ќе се случи набргу по претседателските избори во САД во ноември, на кои има намера да го победи претседателот Џо Бајден и да се врати во Белата куќа.
Минатиот месец Кремљ соопшти дека се остварени контакти со САД за можна размена на затвореници во која би бил и Еван Гершкович, новинарот на „Волстрит журнал“, но дека медиумите не треба да добиваат дополнителни детали за нив.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го цитираше рускиот претседател Владимир Путин кој претходно, на состанок со уредниците на меѓународните новински агенции, рекол дека Русија и САД се во контакт по ова прашање.