Според американскиот државен секретар, утрешната средба на американски и украински претставници ќе биде клучна за евентуалното обновување на воена помош за Украина
Соединетите Американски Држави (САД) се надеваат дека ќе ја обноват помошта за Украина која, по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, во моментов е паузирана.
Ова во изјава за медиумите го кажа американскиот државен секретар Марко Рубио по слетувањето во градот Џеда во Саудиска Арабија, каде што утре ќе се одржи средба меѓу американски и украински претставници.

На прашањето дали Украина може да очекува одново да почне да добива воена помош од САД, Рубио вели:
„Мислам дека идејата за паузирање на помошта, генерално, е нешто што се надевам дека ќе го решиме. Очигледно она што ќе се случи утре (на средбата во Саудиска Арабија н.з.) ќе биде клучно за тоа.“
Државниот секретар на САД додаде дека за време на средбата со украинските претставици, делегацијата на Соединетите Држави ќе очекува да слушне какви отстапки е подготвена да направи Украина.
„Нема да постигнете прекин на огнот и крај на оваа војна, освен ако двете страни не направат отстапки“,
вели Рубио, додавајќи дека САД потоа ќе дознаат каква е руската позиција.
Во однос на договорот за минерали, кој требаше да биде склучен во Вашингтон за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Рубио вели дека претседателот Доналд Трамп нема да отстапи од него и сака да биде постигнат, но оти потпишувањето не мора нужно да се случи на утрешната средба.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 март нареди привремено паузирање на пратките на американска воена помош за Украина по жестоката расправа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во САД.