Косовскиот јавен сервис, повикувајќи се на анонимни извори, објави дека Ричард Гренел, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска имал „остра комуникација со косовскиот премиер и со претседателката на Собранието, на кои јасно им дал до знаење дека САД се подготвени за милионски инвестиции во Косово доколку се укине таксата“
Косовскиот државен радиодифузен сервис РТК тврди дека САД одлучиле да ги одложат сите значајни инвестициски проекти во Косово, се додека косовската влада не донесе одлука за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, јави МИА од Приштина.
Повикувајќи се на свој неидентификуван извор, РТК објави дека специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадор на САД во Берлин, Ричард Гренел денеска имал „остра комуникација со косовскиот премиер Албин Курти и претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи, на кои јасно им дал до знаење дека САД се подготвени за милионски инвестиции во Косово доколку се укине таксата“.
Новиот косовски премиер Курти и неговиот коалиционен партнер, Демократскиот сојуз на Косово, најавија дека ќе ја укинат таксата на српскиот увоз, доколку Белград престане со агресивната кампања против косовската држава и наместо тоа ќе воспостават „целосен економски, трговски и политички реципроцитет кон Србија“.
Сепак, САД ќе ги одложат сите тие проекти се додека Владата не ја укине таксата и не се откаже од воведување реципроцитет, тврди РТК, повикувајќи се на свој анонимен извор.
За јавната радиотелевизија, според косовските медиуми, се смета дека е под силно влијание на претседателот на Косово Хашим Тачи и на неговат досега владејачка, а сега опозициска Демократска партија на Косово (ПДК).