Најмоќната земја-членка на Европската Унија, Германија, реши целосно да се вложи за успех на референдумот. Министерот за Европа, Михаел Рот, во краткиот разговор со Владимир Мирчески, изразува надеж дека и во македонскиот и во грчкиот парламент ќе има мнозинство за финализирање на процесот за името.
По 27 долги години од спорот, на храбри и амбициозни политичари во Атина и во Скопје им успеа да постигнат компромис.Тој не е значаен само за самата Македонија, туку и за цела Европа. Тоа е важен придонес за помирување, партнерство и соработка во еден кршлив регион. Конечно, тоа е јасен предуслов за прием на Македонците во НАТО и во Европската Унија – вели Рот.
Кои се вашите проценки и информации – ќе го има ли потребното мнозинство во македонскиот и во грчкиот парламент за правно заокружување на договорот за името? Во Македонија засега недостигаат 9 гласа од потребните 80.
Можам само да апелирам до сите – партии и пратениците во двете држави да преземат одговорност. Многу нешта се загрозени, се во опасност. Многу се постигна и не можам да замислам на крајот на денот еден толку значаен историски чекор да не успее поради неколку гласа во парламентот. Сега, навистина се потребни храброст и свест за одговорност. Прилично сум оптимист дека мнозинството од политички одговорните и во Скопје и во Атина ќе ја понесат оваа историска одговорност.
Во последно време во јавноста беа отворени повеќе корупциски случаи во кои се вмешани функционери од актуелната власт. Дали Берлин ќе продолжи да биде гласен за борбата против корупцијата и владеењето на правото или ќе сведочиме на стабилократски пристап, како во периодот на Груевски, особено како што тогаш беше пристапот на Европската комисија?
Европската унија, во прв план, не е економски проект. Таа е првенствено и пред сѐ заедница на вредности. Овие вредности ги поврзуваат сите и знам колку е макотрпно да живеете според нив и да ги спроведете конкретно овие вредности. Тоа се демократија, владеење на правото, решителна борба против корупција, независност на судството, слобода на изразување, слобода на медиуми, строго почитување на човековите права и однесување со почит кон етнички, религиозни и културни малцинства. И за државите од Западен Балкан, на кои им е дадена перспектива за прием во Европската Унија, нема никакви политички попусти. И од сите политички одговорни лица очекуваме да ги расчистат обвинувањата за корпуција во смисла на владеење на правото.
Очигледно е дека идејата за промена или корекција на границите не се разгледува како можно решение само од претседателите на Србија и Косово, туку и од други кругови – на пример, во американската администрација, па дури и еврокомесарот Хан. Како би реагирал Берлин ако процесот навистина тргне во таа насока – можно решение што би повлекло промена на границите меѓу Србија и Косово?
Многу сум благодарен за новата креативност што се користи за да се најде решение кое е нужно. Без спогодба за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград не може да има напредок на патот на Србија кон Европската унија и тоа е клучот за помирување. Се разбира дека е легитимно овие различни предлози да ги ставиме на маса и сериозно да ги провериме, но Советот на министри, во светлина на дебатата, реши да се дистанцира од решение, какво што Вие скициравте. Го сметам за многу опасно. Западен Балкан е регион во кој мора да се прати јасен сигнал. Помирувањето е можно и иднината на општествата лежи во мултиетнички, мултирелигиозни и мултукултурни идеи и концепти. Не гледам решение, не гледам одржливо решение во одделувањето на етникумите едни од други и ново исцртување на границите. Регионот е сѐ уште кршлив, се уште е на стаклени нозе. Во позадина има темни сили кои не треба да ги засилиме со тоа што инструментите од 90-тите години ќе ги сметаме за соодветни за да ги решиме проблемите на иднината и сегашноста во 21 век.
Напишете коментар