Откако некои европски земји објавија дека ќе ги укинат визите за руските граѓани поради инвазијата на Украина, многу жители таму побрзаа да добијат европски визи пред забраната официјално да стапи во сила
Во првата половина од 2022 година околу 419 000 луѓе ја напуштиле Русија, што е двојно повеќе во споредба со минатата година, соопшти Руската статистичка агенција (Росстат).
Според Росстат, првпат во поновата руска историја емиграцијата е поголема од имиграцијата. Но, Агенцијата не соопшти детали за националноста на луѓето што заминале од Русија.
Русија традиционално привлекува имигранти од поранешните советски републики. Но, годинава движењето на населението е во друга насока, околу 369 000 луѓе заминаа во поранешните советски држави, а од нив во Русија влегоа 295 000 луѓе. Речиси 80 000 луѓе ја избрале Украина за своја дестинација.
Почетокот на руската инвазија на Украина во февруари доведе до егзодус не само од земјата погодена од војната, туку и од Русија. Членовите на опозицијата заминаа од Русија, а голем број млади образовани работници ја напуштија земјата во потрага по подобри деловни можности по повлекувањето на западните компании.
Во Ерменија и Грузија се формирани големи руски заедници, особено поради релативно лесната процедура за влез на Русите во тие земји.
Во првите шест месеци вкупното руско население се намалило за 480 000 луѓе, а причината за тоа е делумно природна загуба на населението.
На крајот од минатиот месец чешкото претседателство со ЕУ информира дека министрите на ЕУ се усогласиле за укинување на визната либерализација за руските граѓани, откако тоа го побараа земјите во Источна Европа и Балтикот. По повеќе недели преговори со Франција и Германија кои беа против, ЕУ сепак донесе одлука да се укине слободното патување во ЕУ за руските граѓани.
Откако некои европски земји објавија дека ќе ги укинат визите за руските граѓани поради инвазијата на Украина, многу жители таму побрзаа да добијат европски визи пред забраната официјално да стапи во сила.