Евроамбасадорот ова го кажа прашан во врска со интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет. Тој денеска, исто така, беше прашан и како гледа на запирањето на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, но не беше толку конкретен во ставот. Рече дека повторно станува збор за процесот, а не за поединецот, но, напомена дека сите овие процедури треба да ги следат европските стандарди
Сè на што може да се гледа како на мешање во независноста на судството и функционирањето на Судскиот совет е прашање што кај нас (Европската Унија) предизвикува загриженост. Ова, меѓу другото, денеска го кажа шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, прашан за коментар во врска со неодамна изгласаните интерпелации на пет члена на Судскиот совет во македонскиот парламент.

Одговарајќи на прашањето, евроамбасадорот рече дека одблиску го следат овие процеси, додавајќи дека Унијата веќе дала многу препораки за тоа како треба треба да се одвиваат реформите во правосудството.
„Очигледно е дека го следиме сето ова одблиску. Како што знаете, дадовме многу препораки за тоа како треба да се случуваат реформите во правосудството, не само во нашиот годишен извештај, туку и во извештајот за владеењето на правото, особено за Судскиот совет и предлозите околу него. Нашиот став е дека се што може да се гледа како мешање во независноста на судството и функционирање на Судскиот совет е прашање кое што кај нас предизвикува загриженост“,
рече евроамбасадорот одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани посветена на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија.
Надојувајќи се темата, Рокас напомена дека интерпелациите не значат и распуштање на членови Судскиот совет
„Сите знаеме дека правните основи за распуштање на членови на Судскиот совет не се поврзани со интерпелацијата, тоа е поинаква процедура. Сето ова го следиме навистина одблиску и секако сакаме преку реформите, на коишто сите чекаме, да видиме силно судство што ќе биде основа за да ѝ се помогне на земјата да се избори со корупцијата што е прв приоритет и тоа со право“,
изјави тој.
Евроамбасадорот, исто така, беше прашан и како гледа на запирањето на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Овде Рокас не беше толку конкретен во ставот. Рече дека повторно станува збор за процес, а не за поединецот, но, напомена дека сите овие процедури треба да ги следат европските стандарди.
„Јасно ни е дека ова (разрешувањето на јавниот обвинител н.з.) во моментот е замрзнато иако имаше процедура претходно…ЕУ или она што ние го кажуваме и препорачуваме не е се однесува на поединците, туку се работи за тоа да имаме силен систем кој ќе ја почитува независноста на судството иако овие распушатања или процедури треба да го следат процесот на европските стандарди“,
кажа шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
За потсетување, Собранието на 11 март им изгласа интерпелација на петмина членови на Судскиот совет избрани од законодавниот дом, а на иницијатива на пратеничките групи од владејачкото мнозинство ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ. Станува збор за членовите Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми. Во поединечните заклучоци што ги изгласа Собранието беше наведено дека тие имале „значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството“. Воедно, како што беше наведено, тие ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
Дел од петтемина членови пред гласањето ги отфрлија наведените причини за нивна интерпелација и беа на став дека ваквата постапка се коси со Уставот.
Сепак, интерпелациите не значат и по автоматизам разрешување или повлекување на овие членови на Судскиот совет.

Ова го наведе и премиерот, Христијан Мицкоски кој најавувајќи ги интерпелациите на почетокот на февруари кажа дека со нив почнува „ударот во чело“ на Советот. Тогаш, а и по изгласувањето на интерпелациите, тој кажа дека Собранието не може да ги разреши, но оти очекува морална одговорност од нив, односно да ги напуштат позициите што ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места.
Премиерот во телевизиско гостување рече и дека на петтемина судии „ќе им се случи народ“, односно ќе има протести доколку самите не се повлечат од функциите.
Што се однесува до запирањето на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, најавата за ова, исто така, дојде од премиерот кој рече дека по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица, треба да им се даде шанса на обвинителите да го расчистат случајот.
Владината портпаролка, Марија Митева завчера изјави дека постапката за разрешување на Коцевски ќе биде прекината дури и доколку Владата добие мислење од Советот на јавни обвинители во врска со предложеното разрешување.
Советот на јавни обвинители во средата требаше да одржи седница на која на дневен ред беше разгледување на предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Седницата не се одржа бидејќи немаше кворум. Седницата со оваа точка на дневен ред првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.