Поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец утрово со полициско комбе беа донесени во Основниот кривичен суд во Скопје. Од затворот во Шуто Оризари на истата локација треба да биде спроведен и Бојан Јовановски – Боки 13. Иако веќе помина 10 часот, кога требаше да почне рочиштето, тој сè уште не е спроведен во судот. Тројцата денеска првпат ќе седнат на обвинителна клупа наспроти обвинителката Вилма Русковска на првото рочиште за случајот „Рекет“.
Полициските комбиња со Јанева и Милевски утрово застанаа на паркингот кој се наоѓа од задната страна на судот. Потоа беа спроведени пеш пред новинарските екипи, до предната врата на судска зграда.
По нив во судот пристигна и Русковска.
Уште половина час пред закажаниот термин за денешното судење, 10 часот, пред судот се присутни многубројни новинарски екипи кои ќе го следат првото седнување на обвинителна клупа на тројцата обвинети во првиот случај од аферата „Рекет“.
И обвинителството и одбраната, секој со своите аргументи и докази, во овој судски процес ќе го докажуваат односно побиваат обвинението според кое осомничените од Камчев изнудиле нешто повеќе од 1,5 милион евра. Јовановски е првообвинет и на товар му се ставаат делата примање награда за противзаконито влијание и перење пари и други приноси од кривично дело. Милески, пак, е третосомничен и се гони за помагање во првото делото, додека Јанева е второобвинета, но за делото злоупотреба на службената положба и овластувања.
Според она што е официјално познато од обвинението, Јовановски, искористувајќи ги пријателските односи со Јанева, влијаел врз неа за да му ја олесни положбата на Камчев во „Империја“. Тогашната шефица на СЈО не се противела, па откако нејзиниот пријател заедно со Милески ги добил првите половина милион евра од сопругата на Камчев, до Апелацискиот суд во Скопје доставила предлог бизнисменот да се префрли од затворски во куќен притвор. Кога била исплатена и втората половина од милионот, Јанева испратила согласност Камчев да добие и привремен пасош. Според обвинението, специјалната обвинителка за услугите примила мебел вреден речиси пет илјади евра и кеш од 50.000 евра. Кога Јанева беше уапсена, беше запленет и мебелот. Парите не беа најдени, туку за нив обвинителството се повикува на фотографија од мобилниот телефон на Бојан Јовановски. Наградата на Јовановски и Милевски, пак, била 1,5 милион евра. Боки 13, според обвинението, иако официјално е невработен, а сметките му се блокирани, парите ги трошел за луксузен мебел, облека, обувки и летувања во луксузни рисорти надвор од земјава. Нема информација што правел со парите Милески, чија улога во целиот овој случај е опишана пред сè како посредничка, односно да договара средби со сопругата на Камчев, Ана Камчева, а и со бизнисменот лично кога тој излезе од притвор.