Во првото тримесечје од 2023 година РКЕ има издадено лиценци за 133 фотонапонски електроцентрали со моќност од 39,4 мегавати
Четиристотини централи за производство на електрична енергија од обновливи извори се приклучени на мрежата и имаат моќност од 191,6 мегавати, што е доволно да се задоволат потребите на домаќинствата со просечна потрошувачка од десет града: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен, Дојран, Дебар и Виница.
Лиценците за овие 400 централи Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги има издадено за 15 месеци.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека во првото тримесечје од 2023 година РКЕ има издадено лиценци за 133 фотонапонски електроцентрали со моќност од 39,4 мегавати.
„Ако се гледа кумулативно со претходната година откога стартуваше т.н елдорадо за инвестиции во обновливи извори, во земјава на мрежа се вклучени капацитети со инсталирана можност од 191,6 мегавати, со која може да се задоволат потребите на близу 76 000 домаќинствата со просечна потрошувачка, односно може да се обезбеди електрична енергија за домаќинствата од десет градови. За да може да се искористи енергијата од сонце и во текот на ноќните часови во фаза на изработка сме на правила што ќе ја регулираат процедура во поставувањето на батериите пред се како комплементарен, но и засебен дел од секоја изградена централа“,
вели Бислимоски.
Во 2022 години РКЕ им има издадено лиценци на вкупно 267 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталиран вкупен капацитет од 152,2 мегавати. Од нив, 106,5 мегавати се од фотонапонска електроцентрала, додека 36 мегавати се од ветерни електроцентрали, а 7,2 мегавати се од мали хидроцентрали и 2,5 мегавати од термоелектроцентрали на биогас.