Писменото барање на ВМРО-ДПМНЕ е архивирано по стандардна процедура како и за сите правни и физички лица, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) откако денеска опозициската партија по втор пат организираше протест.
За време на протестот дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николовски и генералниот секретар Игор Јанушев, се обидоа да влезат во просториите на РКЕ за да го достават нивното барање за враќање на старата цена на струјата и за оставки на членовите на Регулаторна, но наидоа на затворени врати. Од РКЕ преку соопштение појаснуваат дека уште од март 2020 поради пандемијата имаат воведено протокол и дописите до нив се доставуваат во изолирана кутија на влезот на РКЕ.
„Во однос на доставеното барање беше постапено по воспоставениот протокол Здравјето на граѓаните и безбедноста на вработените во време на пандемија е клучен предуслов за функционирање на институцијата и затоа третманот на денешното барање од ВМРО ДПМНЕ е ист како и за сите правни и физички лица кои се обраќаат до РКЕ“,
наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.
Оттаму дополнуваат дека и покрај притисоците од политичките протести, ќе продолжат да работат посветено со полн капацитет водејќи се од начелата на транспарентност и отчетност и ќе опстојат во својата независност потврдена од Европската Енергетска заедница. Во насока на докажување на нивната професионалност, тие потенцираат дека ја ставаат на увид на јавноста анализата и ги реафирмираат наодите добиени од Европската енергетска заедница со кои РКЕ добива позитивно мислење за да се стекне со статус набљудувач во Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER – Agency for the Cooperation of Energy Regulators) затоа што ги има исполнето обврските и условите од Третиот енергетски пакет.
„РКЕ ја докажа способноста и посветеноста кон развивањето на регулаторни правила со висок квалитет и покрај притисоците од заинтересираните страни, покажа целосна автономија во процесите и го искористи својот независен статус даден согласно законот. Регулаторот покажа подготвеност и способност да се спротивстави на потенцијалните влијанија врз независноста што му е гарантирана според законот и да ја одбрани својата автономија. РКЕ покажа највисока експертиза, стандарди и посветеност за навремено развивање на регулаторните правила како што се бара според Законот за енергетика и воспостави напреден пазарен модел со висок степен на пазарна ориентација. Според тоа, подготовката на регулаторните акти во секторот на електричната енергија може да се смета за завршена“,
е оценката од анализата на Европската енергетска заедница, која ја пренесува РКЕ.
ВМРО-ДПМНЕ денеска со возила го блокираше сообраќајот на улиците кои водат кон просториите на оваа комисија, а пред два дена организираше и протестен марш од Министерството за правда до РКЕ.
Трите барања кои ги изнесоа се оставки и професионализација на Регулаторната комисија, враќање на старата цена на струјата и викенд без ДДВ.
*Поврзани вести:
(ВИДЕО) Мицкоски на чело на протестот, го следат возила, меѓу кои голем број се луксузни
(ВИДЕО) Никој не ги прими претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Регулаторната комисија