Антропологот Љупчо Ристески, член на заедничката историско-образовна комисија со Бугарија, во дебата на „360 Степени“, зборуваше за предлогот за заедничко чествување на Гоце Делчев кој предизвика бурни дебати во двете држави и зошто 7 октомври е толку вознемирувачки за Бугарија, како и за тоа „чиј“ е Делчев.
– Мислевме дека чинот на предавање на моштите на Гоце Делчев којшто во тој период успеале да го постигнат двете страни, дури и од денешна перспектива изгледа апсолутно модерно, апсолутно добрососедски и според мене, целосно прифатливо – рече Ристески.
Тој рече дека после ова е јасно дека за бугарската современа политика и за голем дел од бугарската историографија, еден голем дел од комунизмот во Бугарија се смета за минато коешто треба целосно да се отфрли.
– Иако ние сите знаеме дека минатото е дел од нас, од нашиот идентитет, и тоа не може да се отфрли. Колку и да сакаме некои работи да ги заборавиме, да ги избришеме, минатото останува во колективните сеќавања. Од друга страна, ние знаеме толку многу податоци, според кои во тој период воопшто чинот на примопредавањето на коските не се смета, ниту за предавство, ниту пак ние сакаме нашата страна да го гледаме така, дека сега Гоце Делчев е наш и само наш. Напротив, сакавме на овој чин којшто во тоа време имал толку силно симболичко значење, да му дадеме можност за уште еден исчекор пред Европа, да покажеме дека луѓето на Балканот може да размислуваат за некаква иднина тука, без да се расправаат на вакво банално ниво, на коешто се сведе целата оваа дискусија овие денови, особено во медиумите во Бугарија и во јавноста во Бугарија, кадешто се зборува дали Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец, дали бил наш или нивен. За мене таквата дискусија е апсолутно неприфатлива – рече Ристески.