Во однос на цените на производите, Ристески вели дека Владата ги анализира годишните податоци и извештаите од Државниот пазарен инспекторат. Доколку се утврди дека кај одредени производи има претерано високи маржи, Ристески вели дека прво ќе се остварат средби со трговците и производителите за да се лоцираат причините за зголемувањето

Просечната потрошувачка кошничка е веќе изработена и прифатена од Економско-социјалниот совет, а во тек е нејзино усогласување со податоците од Државниот завод за статистика. Доколку се усогласиме нејзината примена се очекува да започне од септември годинава, најави денеска заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
По работниот состанок во Стопанската комора, Ристески појасни дека оваа кошничка ќе биде клучна за креирање на реални економски мерки.
Тој додаде дека новата кошничка што ја подготвува државата нема да биде пандан на онаа што ја објавуваат синдикатите, а која се подготвува според некои нивни параметри.
Во однос на цените на производите, Ристески вели дека Владата ги анализира годишните податоци и извештаите од Државниот пазарен инспекторат. Доколку се утврди дека кај одредени производи има претерано високи маржи, Ристески вели дека прво ќе се остварат средби со трговците и производителите за да се лоцираат причините за зголемувањето.
Доколку се констатира дека покачувањето е без пазарна логика и е неосновано, тогаш ќе се воведат конкретни или поопшти мерки.
Ристески рече дека оваа Влада работи според принципите на слободниот пазар каде понудата и побарувачката ги регулираат цените.
„Директното мешање во пазарната економија со замрзнување на цените можеби дава мал ефект додека трае мерката, меѓутоа тоа се пресликувало и се удвојувало во наредниот период кога ќе заврши мерката и тоа не е добро зашто, на крајот на краиштата, тоа го плаќаат повторно граѓаните. Онаму каде што нема пазарна е таму ќе реагираме бидејќи не сакаме да прават екстра профити на грбот на граѓаните во вакви тешки услови кога имаме светска економска, енергетска криза“,
рече Ристески.
Заменик-министерот посочи дека постојаниот дијалог со маркетите, увозниците и дистрибутерите веќе дава резултати, потенцирајќи дека земјата во моментов има една од најниските стапки на инфлација во регионот.
Тој додаде дека иако граѓаните најмногу ја забележуваат крајната цена, сепак вели оти статистичките податоци ја даваат комплетната економска состојба во Македонија.
„Не дека е идеално, не дека сме задоволни како Влада од инфлацијата, од цените – сакаме да има уште подобар животен стандард, меѓутоа треба да правиме многу добро анализирани и квалитетни мерки, кои навистина нема да направат, од една страна, уништување на животниот стандард на граѓаните како што било претходно, а од друга, потрес на приватното стопанство и на економијата во Македонија“,
додаде тој.
