По две одложувања, резолуцијата денеска требаше да се најде на дневен ред на Генералното собрание, но, сепак, седницата за ова прашање е одложена за уште една недела
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на 23 мај (четврток) ќе гласа за предлогот 11 јули да се прогласи за меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година, јави „Ал Џезира“.
По две одложувања, резолуцијата денеска требаше да се најде на дневен ред на Генералното собрание на ОН, но, сепак, седницата за ова прашање е одложена за уште една недела.

Текстот на резолуцијата повикува 11 јули да се прогласи за меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејствија со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид утврдени со пресудите на меѓународните судови, ја истакнува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви кои досега не се пронајдени и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот кои сè уште се на слобода.
Резолуцијата има намера да ги повика сите држави целосно да ги почитуваат своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување геноцид, да го почитуваат меѓународното право за спречување и казнување геноцид и да ги почитуваат релевантните одлуки на Меѓународниот суд на правдата (МСП).
- Договорен текстот на резолуцијата за Сребреница, Србија ги повикува членките на ОН да гласаат против
Како спонзори на резолуцијата се потпишаа највлијателните западни земји и значајните исламски земји, додека С Македонија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Босна и Херцеговина се нејзини спонзори од регионот.
Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и ги одразуваат ставовите на членовите на тоа тело за прашањето или темата во врска со која се усвоени.