Денеска околу пладне револтирана жена скршила ветробранско стакло на автомобил во сопственост на Владата, кој во тој момент бил паркиран кај Собранието.
Повеќе медиуми вечерва јавија дека станува збор за автомобил што го користи првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Од МВР потврдуваат дека имало инцидент, но во одговорот не наведуваат кој го користи автомобилот ниту кои се мотивите за нападот.
„Денес околу 12:00 часот пред Собрание на РСМ од страна на В. Ј. (38 години) било скршено предното ветробранско стакло од ПМВ Пасат сопственост на Влада на РСМ. Од страна на полициски службеници лицето е приведено во полициската станица во Центар. Се работи на расчистување на случајот“,
велат од МВР.
„360 степени“ побара коментар за инцидентот и од вицепремиерот Груби – дали ја познава личноста и дали вака искажаниот револт бил насочен кон него, но до објавување на текстот не добивме одговор.
Инаку, во периодот кога е регистриран настанот во МВР, Груби можеше да се забележи на настанот во Владата кој се пренесуваше во живо по повод 100 дена од формирањето.