Затекнавме сериозни предизвици, но напредокот е препознаен и во рамките на оценувањето на исполнување на реформската агенда од страна на Европската комисија, велат од сегашниот состав на Комисијата за заштита на конкуренцијата
Извештајот на Државниот завод за ревизија покажа дека во 2024 година Комисијата, чија улога е да „лови“ нефер трговски практики, самата ја ограничувала конкуренцијата при јавни набавки, дека не водела евиденција за изречен глоби ниту, пак, за работното време на 25. вработени

Комисијата за заштита на конкуренцијата реагира на извештајот на Државниот завод за ревизија во кој ревизорите изразија мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за анализираната – 2024 година, како и за усогласеноста на Комисијата со законската регулатива.
Од Комисијата велат дека анализирана 2024 година, се однесува на мандатот на претходниот состав. Сега, тврдат дека се целосно екипирани и бележат напредок во работењето.
„Актуелниот состав на Комисијата, по преземањето на функцијата, затекна сериозни институционални и организациски предизвици, меѓу кои и голем број нерешени предмети, некои од нив почнати уште во 2017 година. Истовремено, Комисијата за одлучување по прекршок подолг период не функционирала со полн капацитет, што придонело за застој во постапувањето и акумулирање заостанати предмети. Денес, Комисијата функционира со целосно екипирани стручни служби и функционална комисија за одлучување по прекршок, што овозможува навремено и ефикасно постапување. За постигнатиот напредок не сведочат само преземените организациски мерки, туку и јавно објавените одлуки на Комисијата, како и остварените резултати во прекршочните постапки“,
се вели во соопштението.
Оттаму наведуваат и дека во 2024 Комисија изрекла 3 глоби во вкупен износ од околу 32 илјади евра, додека во 2025 биле изречени 31 глоба во вредност од околу 910 илјади евра.
„Во истиот период се наплатени 110 917 550 денари врз основа на правосилни и извршни решенија. Тоа претставува зголемување на бројот на донесени решенија за речиси 933%, а на изречените глоби за приближно 2 756 %, што јасно укажува на значително поефикасно спроведување на прекршочните постапки“,
велат од Комисијата.
Уверуваат и дека активно постапуваат по препораките содржани во ревизорскиот извештај, со цел дополнително унапредување на финансиското управување, материјалната и сметководствената евиденција, јавните набавки и внатрешните контролни механизми.
„Напредокот во работата на Комисијата е препознаен и во рамките на оценувањето на исполнувањето на реформската агенда од страна на Европската комисија, каде што е констатиран значителен напредок во спроведувањето на политиките за заштита на конкуренцијата и во зајакнувањето на институционалните капацитети“,
се вели во соопштението.
Инаку, ревизорите открија дека Комисијата за заштита на конкуренцијата, чија улога е да „лови“ нефер трговски практики и самата ја ограничила конкуренцијата при набавките.
Во 2024 година купиле три мобилни телефони, со техничката спецификација дефинирана на начин што дадените карактеристики упатувале на конкретен производител и производи, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Нејасен бил и начинот на бодување при избор за најповолен понудувач за такси-превоз. Овие состојби, според ДЗР, ја ограничуваат конкуренцијата и претставуваат фаворизирање на одредени економски оператори.
Ревизорите откриле и дека Комисијата не водела евиденција за изречен глоби ниту, пак, за работното време на 25. вработени.
