Рестриктивните мерки против ковид-19 особено удрија по џебот на ранливите категории на граѓани кои „крпат живот“ од неформалната економија. Додека бизнисот полека почнува да заживува, од Владата уверуваат дека овозможуваат брз влез во системот за социјална заштита за сите лица во социјален ризик. Сепак, најзагрозените – граѓаните без документи кои со години се невидливи за системот останаа на маргините
Задолжителните маски како превенција од ковид-19 се последни на листата грижи на Везира Шабановска од населбата Шуто Оризари. Прв приоритет и е борбата за опстанок, која поради строгите мерки и забрани за движење е уште поголем предизвик.

„Претежно собирам шишиња за некоја стотка во денот. За време на полицискиот час не излегувам многу далеку, тука од улица собирам, па има во близина едно место ми ги откупуваат…Мора знаете, да се јаде нешто.“,
вели Везира, додека нејзините деца срамежливо се кријат од нашиот објектив.
Синот и ќерката на Везира влегуваат во тинејџерските години, но сѐ уште се невидливи за државата. Иако таа има лични документи, досега не успеала да го легализира и нивниот идентитет.
„Бев пред две недели да пробам пак да ги пријавам, ми рекоа дека уште нема опција за тоа. Јас немам ниту социјална помош, немам никакви примања. Ми помогнаа некако да ги запишам децата на училиште, ама па сега компјутер ми бараат да пишувале домашни задачи дома. А јас некогаш ниту леб немам да им дадам“,
се жали таа.

Како нејзините деца, според официјалните статистики, има уште најмалку 300 жители само во Шуто Оризари, кои немаат никаков доказ за нивното постоење.
Владините мерки за парична помош за време на пандемијата на ковид-19 не ги опфаќаат овие луѓе. За лицата без документи да можат да дојдат до правото на некаква материјална помош од државата, ќе треба уште време.
Човекови права заглавени во подзаконски акти
Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени кој беше донесен во февруари годинава, а со кој требаше да се забрза регистрацијата на овие граѓани, се уште не може да заживее. Главен проблем се подзаконските акти кои надлежните уверуваат дека се во процес на подготовка, иако според законското решение, роковите се пробиени. Дел од невладините организации испратиле и дописи до надлежните министерства, со кои бараат брза имплементација на законот, со кој треба да се реши деценискиот проблем.
Преставниците на Министерството за труд и социјална политика пак, на последната прес-конференција посветена на мерките за ковид-19 за помош на ранливите групи, изјавија дека процедурата е во тек. Во меѓувреме, велат, на семејствата кои тонат во сиромаштија им носат хуманитарна помош.

„За да може овие граѓани да ги остварат своите права потребно е да се подготват подзаконските акти кои не се само во надлежност на МТСП туку и во рамки на Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Додека се работи на тоа, она што како Министерство за труд и социјала го правиме со нашите меѓународни партнери е обезбедување на пакети со храна и хигиенски производи за овие лица бидејќи тие претставуваат едни од најранливите категории на наши сограѓани“,
порача дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ.
Од министерството потенцираат дека обезбедиле и полесни услови за добивање материјална помош и на другите категории граѓани, како оние кои за време на пандемијата останале без приходи или биле избришани од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување.
Досега пристигнале речиси 1 000 барања од граѓани за да влезат во системот на социјална заштита. Додека да се завршат бирократските процедури, како и досега, ќе си бараат чаре.
Бизнисот почна да живурка – граѓаните бројат загуби
Освен со собирање на отпад, што е главен извор на егзистенција за Везира Шабановска, и нејзините сограѓани од Шуто Оризари во најголем дел живеат од неформалната економија.

Централен извор на приходи е пазарот сместен во срцето на општината, кој речиси два месеца беше затворен како превенција од ширењето на ковид-19. Клуч на врата тогаш ставија и голем дел од околните дуќани.
Но, деновиве Шутка може да се види во нејзиното традиционално светло. Полни тезги и метеж по улиците. Сепак, радоста од отворањето на пазарот, се меша со стравот од досегашните загуби, кои за дел продавачите, се ненадоместливи.

„Гледај… зимска роба, се ни остана…кој ќе купува во мај капути? Два месеца пазарот не работеше, значи се придржувавме до мерките. Но, ние сме сиромашни луѓе, се што имавме вложивме во оваа роба и сега што? Ни луѓето немаат пари да купат се потрошија“,
се жали Емин Ајдинов додека ја реди робата на својата тезга.
Мал беше бројот на муштерии кои ги посетија тазе отворените тезги. Од намалена потрошувачка и дополнителни загуби, стравува и семејството на Северџан Алих.

„Ако продолжеше ова уште некој месец, ќе крахиравме сите. Нема ни купувачи, сите стравуваат, Македонија е општо во колап. Тешко е да се каже кога би ги вратиле загубите, затоа што немаме никакви други надоместоци. Дека ќе го надоместиме она што изгубивме, не верувам.“,
вели тој.
На влезот од пазарот во Шутка поставено е средство за дезинфекција, а на продавачите и посетителите, им се делат заштитни маски, иако евидентно е дека не секој ги носи.

„Гледате дека само што почнавме да ги делиме маските. Значи преземаме мерки за заштита дури и самоиницијативно го затворивме пазарот како превенција од вирусот. Пред отворањето направивме и дезинфекција на самиот пазар. Делиме и бесплатни маски и во случај да има групирање имаме луѓе кои држат ред. Доволно мерки се преземени да се заштитат и продавачите и купувачите“,
вели директорот на „Европа Пазар“ Демир Селим.
Други граѓани чекаат знак од надлежните да ги отворат и своите угостителски објекти.
Додека во мирување е кафулето во Шуто Оризари во кое истовремено Орхан Арифов се занимава и како бербер, со неговото семејство го отворија дуќанот за продажба на наргиле.
Арифов смета дека жителите на Шуто Оризари, некој неосновано сака да ги прикаже како „проблематични“ граѓани во борбата со ковид-19, додека државата не направила ништо за да им излезе во пресрет.

„Сите овие луѓе сами создале се во животот. Државата некогаш не помогнала во Шутка од бизнис-аспект. Шуто Оризари е цивилизирана населба и тука се почитува законот. Законот не се почитува на многу други места, ама таму полицијата не функционира и затоа ја напаѓаат Шутка“,
вели Арифов.
Сепак, законот го почитува секој колку што може. Граѓаните како самохраната мајка Везира Шабановска немаат многу избор.

Таа засега може само да очекува укинување на рестриктивните забрани за движење, за како што вели, послободно да може да се движи низ градот и додека собира пластика, па да продолжи да живее онака како и досега – од ден за ден.