Интригантно е што спротивно на одлуката на Уставниот суд од 2001 г., со која Статутот и програмата на „Радко“ биле прогласени за ништовни, Судот во Стразбур во 2009 г. оценил дека името, само по себе, не е доволно за згаснување здружение во демократска држава. Пресудата во Стразбур била донесена со шест гласа „за“ и еден „против“ – на судијката од Македонија, Мирјана Лазарова-Трајковска, која дала издвоено мислење
Во Собранието во секој момент треба да започне пленарна седница на која една од точките на дневниот ред се предлог-измените на Законот за здруженија и фондации поднесени од ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка.
Ова следува откако изминатиот период беа регистрирани и отворени бугарски здруженија и клубови кои носат имиња на контроверзни личности од историјата, како што се „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, а поднесено е и барањето за регистрација на здружение со име „Цар Фердинанд“.
Додека јавноста, не само во земјава туку и во Бугарија, будно следи дали ќе се изгласаат законските измени, потсетуваме на пресуда од Европскиот суд за човекови права во Стразбур во врска со здружение регистрирано во земјава под името „Радко“, по псевдонимот на Иван (Ванчо) Михајлов, според која, тоа име, само по себе, не е доволно за згаснување на здружението.
Токму имињата на здруженијата во земјава се еден од аспектите опфатени со предлог-законските измени, поднесени од опозицијата, а кои се чини дека ќе бидат поддржани и од власта.
Конкретно, се предвидува додавање на нов став (4) во членот 8 од постојниот закон кој гласи:
„Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.“
Спомената пресуда на Стразбур датира од 2009 година. На неа му претходела одлука на Уставниот суд кој во 2001 година го укинал здружението „Радко“. Уставен тогаш ги прогласил Статутот и програмата на Здружението за ништовни оти ценел дека биле насочени кон насилно рушење на уставниот поредок и поттикнување национална или религиска омраза и нетрпеливост.
Според Уставниот суд, вистинската цел на Здружението била оживување на идеологијата на Радко. Судот, меѓу другото, одлуката ја темелел на тоа дека „според учењето на Иван Михајлов ’Радко‘, македонскиот народ никогаш не суштествувал на овој простор, туку истиот им припаѓал на Болгарите од Македонија…“
Следната година Основниот суд Охрид утврдил престанок на работата на Здружението, по што следувала жалба до Апелацискиот суд во Битола, а потоа и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во продолжение го реобјавуваме текстот од 20 април 2022 година:
Аргументите на жалителите и на Владата
Здружението се жалело во Стразбур зашто по одлуката на Уставниот суд , членовите биле лишени од можноста заеднички да ги реализираат целите утврдени со статутот и програмата. Според нив, вмешувањето на државата било неоправдано и не било неопходно во демократско општество. Тие изјавиле дека одлуката на Уставниот суд е донесена само на две основи: дека програмата на Здружението го негира концептот на „Македонскиот идендитет“, па соодветно на тоа би можела да предизвика силна реакција во јавноста, која би можела да резултира со етнички насилства и второ, дека избирајќи го за име псевдонимот на Иван Михајлов, Здружението ги промовира „фашизмот“ и „тероризмот“.
Во жалбата и во постапката пред Судот во Стразбур, Здружението негирало дека некогаш сугерирало нешто што би можело да се протолкува како поддржување на политичко насилство или тероризам. Дополнително, според нив, Иван Михајлов не би можел да се смета за јасен симбол на фашизмот.
Од друга страна, Владата застанала зад одлуката на Уставниот суд. Нејзиното тврдење пред Стразбур било дека домашниот суд одлуката ја темелел на највисокиот акт – Уставот. Владата уверувала дека Уставниот суд утврдил дека називот на Здружението и идеологијата на Ванчо Михајлов поттикнувале и повикувале на национална омраза и нетрпеливост и дека тоа водело кон негирање на слободата на изразување на македонската национална припадност.
„Слободата на изразување важи и за идеја што повредува, шокира или вознемирува“
Сепак, овие аргументи не биле доволни за Стразбур. Оттаму ценеле дека Уставниот суд не обезбедил објаснувања зошто негирањето на македонскиот идентитет е еднаков на насилство, особено на насилно уривање на уставниот поредок, зашто ништо во основачките акти на Здружението не укажува дека тоа ќе застапува насилство. Со оглед дека Владата и Уставниот суд не дале доказ дека Здружението би можело да дејствува како „терористичко“, клучен елемент во прогласувањето на основачките акти за ништовни, според Судот во Стразбур, било името на Здружението и учењето на Иван Михајлов-Радко.
„Под овие околности, Судот не може да прифати дека името ‘Радко’ и неговите или идеите на неговите следбеници биле одговорни за нараснатите непријателски чувства кај популацијата, имајќи предвид дека имало импликации за можна повреда на ставовите на мнозинството на популацијата. Сепак, Судот смета дека именувањето на Здружението според поединец кој негативно се третира кај мнозинството од популацијата, не би можело самото по себе да се смета обвинувачко или да претставува самото по себе во сегашноста, идна закана за јавниот ред. Во отсуство на некаков конкретен доказ кој ќе покаже дека со изборот на Здружението да се вика себеси ‘Радко“’, се предодредило за политика која ќе претставува реална закана за македонското општество или државата, Судот смета дека произнесувањето засновано на називот на Здружението, само по себе, не го оправдува неговото распуштање“,
пишува во пресудата на Европскиот суд за човекови права.
Стразбур оценил дека прекумерни мерки од превентивна природа за спречување на слободата на здружување и изразување, освен во случаите на иницирање на насилство или отфрлање на демократските принципи – колку и да се чинат шокантни и неприфатливи одредени ставови или искористени зборови за властите, и колку и да се нелегитимни направените барања – ја повредуваат демократијата и често дури и ја загрозуваат.
„Од тоа гледиште, не може да има оправдување за распуштање на група, само затоа што таа бара јавно да дебатира одредени прашања, и да најде, согласно демократските принципи, решенија“,
е наведено во пресудата на Стразбур.
Судот оценил и дека жалителите претрпеле нематеријална штета и ја задолжил државата да им плати 5 000 евра и судски трошоци.
Дополнително, Судот се повикал и на судската пракса, како на пример, во случај македонските здруженија во Бугарија.
„Слободата на изразување е применлива не само за ‘информација’ или ‘идеја’, која е општоприфатена или се смета за ненавредлива или рамнодушна, туку исто така и за онаа која повредува, шокира или вознемирува. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и слободоумноста без кои нема ‘демократско општество’ (види Stankov and the United Macedonian Organisation Ilinden v. Bulgaria, nos. 29221/95 and 29225/95, § 86, ECHR 2001-IX; Handyside v. the United Kingdom, 7 December 1976, § 49, Series A no. 24; and Gerger v Turkey [GC], no. 24919/94, § 46, 8 July 1999)“,
се вели во образложението на Судот во Стразбур.
Издвоеното мислење на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска
Судот ја донел одлуката со шест гласа „за“. Против била само судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, која во издвоеното мислење се сложила со тезите на Уставниот суд и Владата од матичната држава.
„Судот одлучил дека негирањето на постоењето на македонската нација (главна цел на Здружението), викајќи го својот народ како славомакедонци од бугарско потекло, било сериозна и низ историјата употребувана основа за насилство и национална нетрпеливост. Во тој поглед, Уставниот суд ја играл улогата на заштитник на Уставот и демократијата во демократско општество и за заштита на правата и слободите на останатите. Логиката е дека никому не може да се дозволи да ја злоупотребува слободата на здружување со цел да промовира идеи за непочитување и дискриминација на правата на останатите“,
се вели во издвоеното мислење на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска.
Таа сметала дека жалбата на Здружението „Радко“ требало да биде прогласена за недопуштена.
„Жалителите биле регистрирани и биле во можност да ја спроведуваат слободата на здружување. При спроведувањето на својата слобода на здружување, било утврдено дека преку нивните активности тие провоцирале насилно однесување и непочитување на човековите права на другите граѓани. Уставниот суд пресудил дека основите на таквото однесување се утврдени во Програмата и Статутот на Здружението“,
сметала судијката Лазаревска-Трајкова, според која, пресудата на Уставниот суд била легитимна и во склад со Уставот на Републиката и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Во 2016 г. регистрирано Здружение „Радко“
Во октомври 2016 година во Централниот регистар е регистрирано Здружение на граѓани „Радко“ Охрид. Како претседател се појавува Владимир Паунковски, кој е меѓу основачите на здружението „Радко“ од 2000 година и кој ја предводел постапката во Стразбур. Од документите во кои имаме увид, не е јасно дали регистрацијата е направена врз основа на пресудата од Стразбур од 2009 година.
Меѓу целите, и ова Здружението се залага да биде „организација на способни, претприемчиви и уверени во себеси граѓани, коишто можат да преземаат одговорност за себеси, за своите семејства и за својата бугарска историско-културна заедница во Р Македонија“, како и да биде организација изградена врз основа на традициите на европската христијанска цивилизација и на христијанските и плуралистичко-демократските традиции на бугарската ренесанса од 19 век.