Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, се планира транспорт на потешките случаи и во подалечни европски земји бидејќи капацитетите на здравствените установи во соседството се веќе, како што рече, горе-долу исцрпени
Релативно стабилна е состојбата на повредените во дискотеката во Кочани кои се хоспитализирани во скопските болници, но не може да се каже каква ќе биде состојбата понатаму бидејќи сè уште е рано, изјави денеска заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.

Тој информира дека на Клиниката за пластична хирургија се згрижени 17 пациенти, на Токсикологија 13, на Торакална 4, Траума 2, Детска хирургија 4, Карил 14, „Св. Наум Охридски“ – 12, ГОБ „8 Септември“ – 18, Штип 3, Пулмологија 2, или вкупно 89 пациенти во земјава.
Вкупно 76 пациенти се транспортирани на лекување во странство. Последни ноќеска биле префрлени по двајца пациенти во Хрватска, Словенија и Виена и тројца во Атина.
Како што посочи Андовски, се планира уште пациенти да бидат префрлени во странство, односно во Австрија, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и Словенија.
„Пристигнати се доктори од неколку странски земји. Имавме состанок со лекарите коишто пристигнаа синоќа од Белгија. Тие во моментов прават тријажа и анализа на состојбата на најтешките пациенти на КАРИЛ. Од Израел има пристигнато седум лекари, а денеска ќе пристигнат уште десет и тие ќе бидат распределени во Клиничкиот центар и ГОБ ‘8 Септември’. Пристигнаа и по шест доктори од Чешка и од Воено-медицинската академија (ВМА) од Белград“,
изјави Андовски.
Тој соопшти дека од шест пациенти кои интубирани биле пренесени во Анкара, Турција, петмина од нив се екстубирани, што, како што кажа заменикот-министер, покажува дека нивната состојба се подобрува.
Одговарајќи на новинарско прашање, заменик-министерот рече дека и оние пациенти што се во земјава и оние во странство се во релативно стабилно, но додаде дека сè уште е рано да се каже каква ќе биде состојбата.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски, рече дека во моментов не се планира ниту еден од пациентите да биде пуштен на домашно лекување, дури и тие коишто се полесно повредени.
„Во моментов не планираме никого да пуштиме и тие што се полесно повредени ќе ги задржиме на опсервација и мониторинг затоа што после 72 часа можеме да очекуваме некакво влошување, така што дури и полесните ги задржуваме на мониторинг“,
рече Костовски.

На Клиниката за токсикологија по пожарот во Кочани биле примени 18 пациенти од кои четворица поради влошување на состојбата се префрлени на КАРИЛ. Од нив, тројца, како што изјави директорот на Токсикологија, Андон Чибишев, ќе бидат префрлени во некој од здравствените центри во странство, еден најверојатно во Словенија и двајца во Полска.
„Од тие што се останати на Клиниката за токсикологија – 13 пациенти, за четворица сè уште не сме задоволни до крај од нивната состојба, не е стабилизирана. Другите се стабилни, меѓутоа бидејќи се работи покрај за изгореници на горните дишни патишта и за акутно тешко труење со штетни гасови, посебно со јаглероден моноксид, очекуваме да има компликации во наредните денови, меѓутоа ние сме сите мобилни. На клиниките имаме засилени екипи коишто се грижат за пациентите и мислам дека се ќе биде во ред и да се надеваме и со Божја помош дека сè ќе биде во ред“,
изјави Чибишев.
Прашан во врска со апелите до луѓето кои биле околината на пожарот да се јават на лекар, Чибишев рече такви пациенти доаѓаат, но оти досега немаат констатирано некакви потешки компликации.
„Ние на сите им правиме серија на клинички испитувања, нешто да не пропуштиме. Досега немаме констатирано некакви потешки компликации , меѓутоа ваквите труења посебно со отровни гасови можат да дадат доцни компликации. На сите пациенти им е препорачано во наредните десетина дена да дојдат на контрола, така што ситуацијата е комплетно под контрола“,
рече директорот на Токсикологија.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека сите пациенти се згрижени на потребното ниво на здравствена заштита, се набљудуваат редовно, а сите каде што може да има компликации се упатуваат во странство.
Кажа дека има капацитети за упатување на потешките случи во подалечни земји бидејќи капацитетите кај соседните се веќе, како што рече, горе-долу исцрпени.
„Меѓутоа, има доволни понуди од европските земји, така што сите пациенти ќе бидат згрижени со потребната здравствена заштита“,
рече Клековски.
Раководителот на Трауматологија при ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, сподели дека имало неколку пациенти кај кои имало влошување, но не биле во тешка состојба. Станува збор за осум пациенти кои се планирани за транспорт во Словенија, Полска, Австрија, Италија и Хрватска.