Вредноста на биткоинот е повеќе од двојно зголемена за два месеца
Биткоинот во вторникот ја зголеми вредноста на рекордно високо ниво како резултат на инвестицијата на компанијата „Тесла“ во крипто-валутата.
Вредноста на биткоинот е повеќе од двојно зголемена за два месеца, а скокот во понеделникот по објавата на „Тесла“ беше најголемиот дневен пораст во последните повеќе од три години.
Доцна синоќа на азиските берзи се тргуваше на рекордно високо ниво од 48 216 долари. Ривалската крипто-валута етериум, исто така, достигна рекордна вредност од 1 784 долари во раните утрински часови.
Акциите на компании што обезбедуваат платформи за тргување со биткоини и на оние што развиваат технологии за „копање“ крипто-валути пораснаа во Кина, Јужна Кореја и Австралија, а исто така се зголеми вредноста и на големите компании за производство на чипови, како што е „СК нинкс“.
Вредноста на американскиот долар падна во однос на повеќето валути.
Аналитичарите сметаат дека соопштението на компанијата „Тесла“ дека купила биткоини во вредност од 1,5 милијарда долари и дека ќе ја прифати крипто-валутата за купување на нејзините автомобили е дел од поголемо поместување на финансискиот пазар.