Како најголема причина за тоа се смета упорноста на Пекинг да се држи до политиката на нула толеранција на ковид-19
Производната активност во Кина падна на најниско ниво од февруари 2020 година, покажуваат официјалните податоци објавени денеска, што се смета за најнов знак за економски пад.
Како најголема причина за тоа се смета упорноста на Пекинг да се држи до политиката на нула толеранција на ковид-19.
Властите признаа дека се продлабочува „падот на производството и побарувачката“.
Политиката на Пекинг за брзо елиминирање на инфекциите со блокирање и масовно тестирање беше соочена со сериозен предизвик со обновувањето на пандемијата преку сојот омикрон. Десетици градови, вклучително и економските центри како Шенжен и Шангај, беа целосно или делумно затворени во последните месеци.
Нефлексибилниот пристап, дури и кога поголемиот дел од светот се обидува да живее со вирусот, предизвика растечка економска штета, бидејќи ограничувањата влијаат на синџирите на снабдување, со што големи количини стоки останаа натрупани во најпрометното пристаниште во светот.
Жао Кинге, висок статистичар во Националното биро за статистика (НБС), призна дека некои компании морале да го намалат или прекинат производството, додека многу компании пријавиле зголемени потешкотии во транспортот.