Редиците пред ковид-амбулантите низ Србија не се намалуваат, а веќе со денови се регистрира петцифрен број на заболени. Притисокот се прелева и кон болниците, па е зголемен и бројот на хоспитализирани
Во последните 24 часа во Србија се потврдени 19 901 случај на инфекција со коронавирус, што е највисок број на заболени за еден ден од почетокот на пандемијата. Претходниот рекорд беше забележан пред точно една недела (18 јануари) кога имаше 18 006 новозаразени.
Денешните 19 901 случај се регистрирани од 39 282 направени тестови, што значи дури 50,6 од тестирани биле позитивни или секој втор што се тестирал добил позитивен тест.
Исто така, во изминатото деноноќие во Србија починале и 34 лица. Во болниците се сместени 3 114 пациенти, а на респиратори се 131 од хоспитализираните.
Редиците пред ковид-амбулантите низ Србија не се намалуваат, а веќе со денови се регистрира петцифрен број на заболени. Во моментов доминантен е сојот омикрон кој брзо се шири, но и закрепнувањето е побрзо, посочуваат експертите. Врвот на бранот се очекува кон средината на февруари.
Притисокот од ковид-амбулантата се прелева и кон болниците, па е зголемен и бројот на хоспитализирани.
Педијатрите во ковид-амбулантите и детските болници забележуваат дека расте и бројот на заразени деца.
Д-р Снежана Расовац, пулмолог од Детската клиника во „Тиршова“ во Белград за РТС изјави дека омикронот брзо се шири, но дава умерено блага слика, ретко тешка кај децата и поминува за пет до седум дена.
Таа објасни дека кај децата од предучилишна возраст и доенчињата се јавува температура, треска и поретко се појавуваат симптоми на горниот респираторен систем, нос, грло, трахитис, главоболки, конјунктивитис, а на долните дишни патишта бронхитис, бронхиолитис, пневмонија.
Кај помалите деца, рече докторката, кога ќе „се спушти“ и кога ќе го зафати долниот респираторен тракт се јавува кашлање и отежнато дишење.