Фејсбук-статусот на Стоилковиќ, во кој дава осврт на своето досегашно работење, не е налик на оние со кои министрите во Владата деновиве даваат отчет за сработеното во изминатите две години од стапување на функциите. Стоилковиќ ја започнува објавата со зборовите: „Пред веќе извесното заминување од Министерството за односи меѓу заедниците…“
Неофицијално, со овој ресор во иднина ќе раководи кадар на Влен, а Стоилковиќ ќе оди на друга вицепремиерка позиција
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ денеска во објава на Фејсбук се осврна на своето досегашно работење во Министерството што го предводи. Но, фејсбук-статусот не е налик на оние со кои министрите во Владата деновиве даваат отчет за сработеното во изминатите две години од стапување на функциите. Стоилковиќ ја започнува објавата со зборовите:
„Пред веќе извесното заминување од Министерството за односи меѓу заедниците…“

Со ова, тој практично потврдува дека нема да го раководи овој ресор по претстојната владина реконструкција.
Во објавата на социјалните мрежи, Стоилковиќ вели дека Министерството за односи меѓу заедниците од сива зона на системот, на својот наследник му го остава средено, организирано и со нова систематизација.
„Од многуте работи, би сакал да потенцирам две. Првата – се однесува на целосно кратење на ненаменските трошења на буџетски средства. На пример, буџетот на Министерството за односи меѓу заедниците во 2021 година изнесувал 577 780 000 денари, во 2026 година 173 500 000 денари, што е намалување за трипати. Без оглед на смалувањата, реализирани се сите програми, а воведена е и нова програма. Ова значи кратење на средства кои претходно биле користени за т.н. ‘коруптивни’ цели и дека повеќе нема трошење пари на граѓаните за фиктивни јавни набавки, на пример, за угостителски услуги, за консултантски услуги, сомнителни договори за дело, исплата на додатоци за плата и на К-15 на лица кои не одат на работа итн…“,
пишува Стоилковиќ на Фејсбук.
Понатаму, додава тој, целосно е затворена Програмата К-5 – програма за вработување во јавната администрација согласно принципот на правична и соодветна застапеност на етничките заедници. Стоилковиќ обвини дека до неговото доаѓање на чело на Министерството за односи меѓу заедниците, програмата била злоупотребувана и дека стотици вработени земале плата, а не оделе на работа.
„Во 2021 година станува збор за повеќе од 1 500 лица кои земале пари од граѓаните и не оделе на работа. Со Буџетот од 2026 година процесот на прераспределба на административните службеници е целосно завршен, а Програмата К-5 е укината. Така што, во овој момент завршено е со пристапот ‘седи дома, земај плата’ и рационализиран е бројот на вработените во Министерството. Со новиот Закон за соодветна и правична застапеност, кој е во собраниска процедура, ќе се обезбеди почитување на принципот на правична застапеност како основа за инклузивност и еднакви можности во јавниот сектор и гарантирање на стручност, компетентност и квалитет при вработувањето. Ова е од клучно значење за градењето на професионална јавна администрација која треба да биде двигател на општествениот развој и поддржувач на реформските процеси во земјата“,
додава Стоилковиќ.
Објавата на Стоилковиќ, кој инаку е и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, доаѓа во пресрет на владината реконструкција, која утре треба да биде официјализирана. Неофицијално, со овој ресор во иднина ќе раководи кадар на Влен, а Стоилковиќ ќе оди на друга вицепремиерка позиција.
