Денешното рочиште за случајот „Рекет“ се одложи зашто двајцата адвокати на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев, не дојдоа во судница.
Денеска требаше да сведочи обвинителката Лиле Стефанова, која ја води истрагата „Империја“, каде што еден од осомничените е бизнисменот Орце Камчев. Таа дојде во судница, но нејзиното сведочење поради одложувањето ќе може да се слушне на наредното рочиште, кое е веќе закажано за в четврток.
Судијката Васка Николовска-Масевска рече дека минатата недела стигнало барање од нејзините адвокати за одложување бидејќи Кадиев е на болничко лекување. Претставник на неговата адвокатска канцеларија денеска кажа дека тој е хоспитализиран и до петок ќе прима терапија, но дека најверојатно викендот ќе биде пуштен и од понеделник ќе може да присуствува на рочишта. За тоа утрово во судот била доставена и медицинска документација.
Пред почетокот на рочиштето и адвокатката Ирена Фрчкоска доставила барање да се одложи рочиштето бидејќи и таа била болна, но не доставила документација.
Судијката следното рочиште го закажа за в четврток, посочувајќи дека и покрај тоа што Кадиев нема да може, Катица Јанева може да ја застапува само еден од бранителите.
Во случајот „Рекет“, Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.